Вакцинираните со руска вакцина против коронавирусот Спутник V ќе можат слободно да ги посетуваат оние земји од Европската Унија каде е дозволена употреба на овој препарат, пренесува шпанскиот дневен весник El País, повикувајќи се на нацрт на европскиот сертификат за вакцинација.
Според весникот, ваквиот документ ќе им овозможи на лицата кои биле вакцинирани со каков било препарат одобрен од Европската агенција за лекови (ЕМА) да влезат во Европската Унија.
Сертификатот ќе им биде даден и на оние кои примиле вакцини одобрени од земјите на Европската унија на национално ниво. Тие исто така ќе можат да патуваат во овие земји, прецизира El País. Според весникот, не станува збор само за Спутник V, туку и за кинеската вакцина на компанијата Sinopharm.
Сертификатот сега може да се користи во Унгарија и Словачка. Според списокот, истите правила важат и за вакцините одобрени од Светската здравствена организација.
Според El País, овој проект во моментов го разгледува Европската комисија. Весникот додава дека можно е да биде одобрен оваа недела. Документот ќе се издава бесплатно на хартија и во дигитален формат.
Пасошот на вакцинираните ќе добие посебен баркод кој ќе овозможи брзо читање на информациите, и тој ќе биде составен на два јазика - на англиски и на јазикот на земјата што ги издала, се наведува во текстот.
Сертификатите се очекува да бидат издадени во три верзии: за вакцинација, резултати од тест за коронавирус или за тоа дали лицето веќе прележало COVID-19.