По купето и кабриолетот, сега на сцена стапува и M8 Gran Coup, односно големото купе со четири врати. Со овој величествен модел BMW цели да му конкурира на „комшискиот“ Mercedes-AMG GT63 4-Door.
Под хаубата на овој елегантен ѕвер се наоѓа 4,4-литарски твин-турбо V8 мотор што доаѓа во две изданија. Послабото располага со 600 коњски сили, додека помоќното – верзијата Competition - е побогато за 25 кс.
Иако Gran Coupe е значително подолг од купето, со вкупно 200 мм поголемо меѓуосовинско растојание, тоа немаше преголемо влијание на одличните перформанси што ги нуди овој автомобил.
Послабата варијанта може да забрза од 0 до 100 км/ч за 3,3 секунди, додека на изданието Competition за истиот спринт му се потребни 3,2 секунди.
Максималната брзина е стандардно ограничена на 250 км/ч, освен ако не го земете пакетот M Drivers Package, што ја поместува оваа граница на максимални 305 км/ч.
BMW M8 Gran Coupe ќе биде достапен на пазарот следната пролет.