Марко Верати беше дел од францускиот гигант од 2012 година, си замина во септември, а сега ги откри и причините за ваквата негова одлука.

Верати дојде во ПСЖ летото 2012 година како 19-годишен супер талент од редовите на Пескара, и тоа без воопшто да заигра во Серија А. Имено, претходната сезона Пескара ја освои титулата во Серија Би предводена од Чиро Имобиле, Лоренцо Инсиње и Верати. Иако го бараа и италијанските гиганти, одлучи да замине во ПСЖ каде тогаш тренер беше Карло Анчелоти, а спортски директор Леонардо.

„Разговарав со Енрике, ми рече дека не сум дел од неговите замисли. Тој е одличен тренер, ја почитувам неговата одлука. Ми кажа дека во ПСЖ сум многу години и дека сака да направи некои промени. За мене работите никогаш не се случуваат случајно“, рече 30-годишниот Верати за L'Équipe.
На почетокот од септермври Луис Енрике не го вклучи Верати на списокот за настап во Лигата на шампионите, што беше јасен знак за неговото заминување. На 13 септември потпиша за катарскиот клуб Ал-Араби за трансфер вреден 45 милиони евра.
„Не сакав да одам во друга екипа во Европа, бидејќи во некој момент сигурно ќе требаше да играм против ПСЖ. Одлучив да живеам во Париз по завршувањето на играчката кариера. Таму остана моето семејство. Во Париз доаѓам секогаш кога имам слободно време“, додаде Верати.
Верати мина 11 години во ПСЖ каде одигра 416 натпревари, што го прави втор во историјата на овој клуб зад Жан-Марк Пилорж со 435, играч од 80-тите. Постигна и 11 голови.