Примирјето во војната за Нагорно-Карабах, постигнато минатиот викенд во посредништво на Франција, неделава беше прекинато во повеќе наврати со жестоки судири меѓу азербејџанската армија и етничките ерменски сили.
Азербејџан, близок сојузник на Турција, тврди дека има постигнато значителни територијални победи, но Ерменија, која има одбранбен пакт со Русија, вели дека ги одбива азербејџанските напади и ја има ситуацијата под контрола.
„Ќе победиме. Ќе останеме на фронтот додека не победиме“, изјави за Reuters Варак Вартанјан, војник од Нагорно-Карабах. „Ова е нашиот дом и во секој случај ќе останеме овде“.
Азербејџанската армија презеде контрола над 22 населби во регионот Нагорно-Карабах, соопшти претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев.
Алијев вчера истакна дека азербејџанската армија го зазела градот Зангилан и 24 населени места во четири области во Нагорно-Карабах.
Азербејџанскиот претседател додаде дека бројот на цивили загинати во нападите на ерменските сили се искачи на 63.
Судирите меѓу азербејџанската и ерменската армија ескалираа на 27 септември во регионот Нагорно-Карабах, кој територијално му припаѓа на Азербејџан, но е населен со етнички Ерменци.
Досега загинаа неколку стотици војници и цивили и двете страни се обвинуваат меѓусебно за прекин на примирјата, додека светот стравува дека ситуацијата дополнително ќе ескалира и дека на повидок е хуманитарна криза на Кавказ.