На 8 Март, Меѓународниот ден на жената, светот се обединува за да ги прослави достигнувањата, борбите и издржливоста на жените од сите сфери на животот. Овој ден служи како моќен потсетник за тековното патување кон родова еднаквост и ослободување на жените. Во прегратката на феминизмот, жените наоѓаат сила да се ослободат од општествените ограничувања, барајќи ги своите права, независност и слобода во различни димензии.
Феминизмот се залага за слобода на избор, признавајќи дека приказната на секоја жена е уникатна. Како што Глорија Стајнем, пионерка на феминистичкото движење, своевремено изјави, „Феминист е секој кој ја признава еднаквоста и целокупната човечност на жените и мажите“. Ослободувањето на жените значи славење на огромен број избори што ги прават жените – без разлика дали се работи за градење кариера, прифаќање на мајчинството, живот со или без партнер/ка, грижа за семејството или сè заедно. Признавањето и почитувањето на овие избори е суштински чекор кон општество кое се залага за автономија на жените.
Финансиската слобода е клучен аспект на женското ослободување. Интерсекциската феминистка Кимберле Креншо нагласува: „Родова правда значи економска правда“. Историски гледано, жените се соочуваат со јаз во платите и ограничени економски можности. Феминизмот се бори против овие разлики, се залага за еднакви плати и рушење на бариерите што ја попречуваат финансиската независност на жените. Кога жените имаат економска моќ, тие добиваат слобода да прават избори кои се усогласени со нивните аспирации, а не само со нивните финансиски околности.
Со векови, општествените норми ги ограничуваа жените на одредени простори, ограничувајќи го нивното движење и можностите за личен раст. Феминизмот ги предизвикува овие просторни ограничувања. Како што Бел Хукс, влијателна феминистичка авторка, забележува: „Феминизмот е движење за ставање крај на сексизмот, сексистичката експлоатација и угнетувањето“. Феминизмот се стреми да ги скрши невидливите бариери кои ги ограничуваат жените, овозможувајќи им слободно да истражуваат и да се движат низ светот, и физички и интелектуално.
Феминистичкото движење одигра клучна улога во ослободувањето на жените од општествените очекувања во однос на нивните тела. Жените како Одри Лорд се залагаат за каузата за телесна позитивност, нагласувајќи дека самоприфаќањето и автономијата над сопственото тело се клучни компоненти на женското ослободување. Движењето ги охрабрува жените да ги прифатат нивните тела, предизвикувајќи ги нереалните стандарди за убавина и негувајќи култура на самољубие и прифаќање.
Вистинското ослободување лежи во признавањето и решавањето на интерсекционалноста на женските искуства. Како што изјавува активистката за граѓански права и феминистка Анџела Дејвис, „Веќе не ги прифаќам работите што не можам да ги променам. Ги менувам работите што не можам да ги прифатам“. Жените од маргинализираните групи често се соочуваат со сложени предизвици. Феминизмот, за да биде вистински ослободувачки, мора да ги засили и центрира гласовите на обоените жени, ЛГБТК+ жените и жените од другите маргинализирани заедници.
Во прегратката на феминизмот, жените наоѓаат сила да се ослободат од оковите на општествените норми. Ослободувањето на жените е повеќеслојно патување кое опфаќа слобода на избор, економско зајакнување, просторна слобода и автономија над сопственото тело. Додека го славиме Меѓународниот ден на жената, да ги послушаме зборовите на Одри Лорд, која нè потсетува дека „не сум слободна кога која било друга жена е неслободна, дури и кога нејзините окови се многу различни од моите“. Борбата за женско ослободување продолжува, а низ објективот на феминизмот наоѓаме надеж, сила и единство да се стремиме кон свет во кој секоја жена ќе може да ја доживее вистинската слобода.
Да го славиме 8 Март како празник на женската еманципација, омоќување и ослободување. Денот на жената, на секоја жена, со сите нејзини индивидуални и колективни подеми и падови. Ја враќаме моќта и ги прашавме жените од најразлични возрасти, професии, животни патеки:
И жените одговорија. Писателката Наташа Сарџоска ми кажува дека тоа ослободување се случило кога заминала на постдипломски студии во Италија, Португалија и Франција, контрабасистката Андреа Мирческа како „од пушка“ одговара: „Откако се родив и целиот мој живот!“, а визуелната уметница Пандора Апостолоска Саздовска моќно поентира: „Слобода е кога ќе ги ослободиш другите!“
Жените од Македонија ги споделија нивните приказни за ослободувањето:
Во овој миг од мојот живот, кога сум во константно движење и истражување, навистина се чувствувам најслободно досега во животот и тоа е една посебна одредница за мене. Таа произлегува од долги години на внатрешна борба и немир, трансформирани во надеж, поддршка и прекрасна заедница околу мене. Ова, од друга страна е испреплетено со свесноста дека тоа е привилегирана позиција денес, во време кога во светот се случуваат страшни војни и милиони жени насекаде страдаат по најразлични основи, па секојдневно размислувам за овааа поврзаност која ме потсетува на поврзувањето на единката и колективот, на таа бескрајно важна врска. Благодарна сум за сопствената борба и тоа што го постигнувам, како се чувствувам, истовремено и лута и бесна зашто ме боли болката на страдањето на секоја една. Оттаму, не можам да зборувам целосно за слобода додека сум свесна за страдањето околку себе, но морам да бидам надежна и да ја користам својата позиција за да зборувам наместо да молчам за тоа. Овој, но и секој друг 8 Март, посакувам вистински мир, достоинствен и слободен живот за сите нас, најмногу на оние жени кои само ја сонуваат и копнеат за неа. Тогаш на ова прашање ќе можам да одговорам со леснотија и радост.
Најслободно се почувствував како жена кога станав финансиски независна, кога сфатив дека не морате да посегнувате по никого за правата што ви припаѓаат. Финансиската и економската независност одат рака под рака со слободата.
Пробувам да најдам одговор за прашањето и сфатив дека всушност никогаш не сум се чувствувала неослободено како жена. Верувам дека тоа е заради тоа што бев растена во женско домаќинство и преку примерите на мајка ми, баба ми, па и тетка ми (која беше несекојдневен пример на жена со умерена ментална попреченост) секојдневно гледав жени кои рушат бариери и стереотипи. А кога нешто гледаш секојдневно, ти станува норма. Па така, не ни знам како е да не си ослободена како жена. Ќе го искористам клишето дека „генерациите на жени пред мене во моето семејство оделе, за јас да можам да трчам“, но, вистина е. Така што веројатно најослободена како жена првично сум се чувствувала дома, а тоа понатаму се преточувало во сите сфери на мојот живот.
Секогаш се сеќавам на моите универзитетски денови како ослободувачки и трансформативни години. Во првата половина на моите 20-ти, дипломирав на два факултети, едниот во полето на комуникации, а потоа се запишав на постдипломски студии (студии на културата). Како љубител на модата, секогаш сакав да работам само како моден креатор, но околностите ме натераа да се насочам во повеќе полиња за да си обезбедам подобра иднина за мене и моето семејство. Тогаш не знаев, но оваа одлука беше една од најдобрите за мене бидејќи знаењето кое го стекнав, особено за човековата психологија и како медиумите влијаат врз нашата перцепција на жените и нивната улога во општеството, ми помогнаа да се развијам во жена која има пошироки видици.
Израсната сум со многу љубов и моите родители уште од рана возраст ми овозможија да донесувам одлуки за себе. Секогаш ме охрабруваа и ми кажуваа дека нема граници за мојот успех. Самодовербата која ми ја дадоа заедно со знаењето кое го стекнав во раните 20-ти придонесоа да се чуствувам најослободено како жена која сега, во нејзините рани 30-ти, не гледа никакви граници во нејзината иднина.
Сè уште интензивно го доживувам чувството на моќ кога моите родители ми ја дадоа комплетната слобода и доверба да одлучам сама дали треба да се иселам од градот во кој живеев, за да се запишам средно училиште во Скопје. Таа слобода на избор постојано ме потсетува на тоа дека јас како жена имам право на автономно живеење и комплетна слобода во сопствените избори.
Слободата често ја поврзувам со борба и скоро секогаш пред очи ми излегуваат илјадниците жени низ историјата кои својот глас го насочиле кон слободата да бидат неограничено свои. Најослободено се чувствувам кога пркосам на традиционалните општествени очекувања и се борам против угнетувањето на правата на жените и девојките, но и кога сум солидарна и кога давам поддршка.
Најослободена како жена? Мислам дека во секој миг од моето пишување чувствувам посебна, интимна, возвишена слобода. Клише или не, ама така е. Најслободна сум кога пишувам за сопствената болка, несмасноста на моето тело, за „мастурбирањето во шпајзот“, за отворениот детабуизиран наратив на уморноста да се биде мајка, а не нужно кралица. Слободна сум кога сум сама со себе и сновам по градот и ништо не поседувам, освен она што го впивам. Слободна сум кога излегувам до продавница и не носам градник.
Слободата одамна ја сметам за основна потреба во животот за која што нема компромис. Се сеќавам дека еднаш како дете мајка ми ме искара дека не можам да правам сѐ и да одам секаде затоа што „не сум машко“ и мора да бидам свесна за опасностите што го демнат мојот род. Овие зборови денес ги слушам изговорени од моите другарки, кога на крајот на излегувањето ќе ме посоветуваат сепак да земам такси и да избегнам јавен транспорт во доцните саати. Понекогаш ги слушам и во професионалната средина, кога ме советуваат дека режијата може и не е добра професија за жена што сака да има семејство.
Низ животот, слободата постојано ја освојувам, и покрај стравот од истите опасности што пред многу години ја мачеле мајка ми. Секојпат кога сум таму каде што жените не се секогаш добредојдени: професионалната средина, јавната сцена, или темната улица по полноќ – ја чувствувам слободата. И неизмерната радост на пркосот.
За мене, да ми кажува некој како да го славам Меѓународниот ден на жената 8 Март е исто како да ми кажува дали смеам или не смеам да имам абортус. Оти, станува збор за потреба за контрола.
Нашите прабаби, баби и мајки се бореле и избориле за признавање на правото на родова рамноправност и 8 Март ја слави таа борба. Има милиони жени на кои не им треба 8 Март оти стално можат да прават што сакаат, ама има и милиони жени кои можат да прават што сакаат само на тој еден ден. Меѓу другото, и тоа е суштината на тој ден.
Кој има право на жените да им кажува што да прават на 8 Март? Посрамувањето за начинот на одбележување на денот е одземање на избореното право, а со тоа и унижување на денот. Оти суштината на 8 Март е баш таа, прослави го твоето право како жена да правиш што сакаш. Ако ти се слави со протест - протестирај, ако ти се слави во кафана - оди, ако ти се оргија - оргијај, ако ти е сеедно - нека биде. Зграпчи го денот, твој си е. А после, борбата продолжува, секој колку може и до каде може.
Ај овој 8 Март да пробаме без посрамување, може борбата ќе биде полесна. Башка, 2024 е, и жива депра е што мора да се објаснуваме за основни работи, да му се сневиди.
Уметноста е мојата дефиниција за слобода. Во тој свет правам промени што сакам да ги видам во реалноста!
Слобода е кога ќе ги ослободиш другите!
Мојата мајка како столб на семејството ми ја подари слободата, а јас се почуствував ослободено истиот момент кога им ја пренесов на моите ќерки!
Доколку се обидам да се потсетам кога сум се почувствувала најослободено во однос на моето девојчинско искуство, не можам, а да не ги споменам сите разговори на оваа тема со жените што ми се блиски. Секако, први се мојата мајка и мојата сестра и нашите заеднички моменти кога сме споделувале искуства. Во тие мигови сум се освестила и сум сфатила некои шеми и чувства што се повторуваат без разлика дали се добри или лоши.
Но, како засебен настан морам да го споменам отворањето на 35. Поетска ноќ во Велестово кога читав поезија заедно со десеттина жени од најразлични возрасти и позадини за промоција на „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“. За време на читањето имаше големо ослободување на енергија акумулирана од 1824 година па сѐ до денес, чувството на изолираност се претвори во чувство на припадност. Да се биде дел од панорама која го собрала гласот на повеќе од сто жени е неописливо важно за мене, пред сѐ затоа што делува како ветер во грб за моето лично искусување на светот и животот.
Размислувајќи да го најдам точниот одговор на ова прашање, сфатив дека во многу случаи како девојка се чувствувам слободна. Слободата во нашето општество се манифестира во многу форми. Чувството на слобода доаѓа кога ќе си ги соголиш душата и умот од комплексите и товарот да размислуваш што ќе кажат другите за мене. Во нашето општество срамот не тежи подеднакво на сите, ние девојките и жените го носиме најголемиот товар. Да се живее за себе и да се биде свој е слободата за која страдаме.
Вистинска слобода почувствував во моментот кога сфатив дека можам да бидам сѐ што ќе посакам, и да се реализаирам на начин на кој јас сакам. Растењето меѓу силни женски ликови во семејството секако дека го олеснило моето носење одлуки и реализирање на потенцијалот во мене. Сепак, не можам, а да не изразам огорченост, оти дури и сега, во овој век, процентот на жени кои живеат потчинети, потценети и притиснати од традицијата, е разочарувачки и неприфатливо висок. Борбата сѐ уште трае!
Осмомартовската еуфорија има своја еднонеделна предигра, крешендо дента пред 8 Март и свој ден потоа. Жената се доведе во ситуација да го чека празникот цела година, како момент на вистината или пародија на идеологијата на празникот и кич парада по кафеани и меани. Празникот се чека како пустината дождот, рибарот риба, ветерницата ветрот, покерашот покер, а коцкарот џек пот. Се очекува за потоа да се раскажува, прераскажува и докажува кој колку нѐ сака и почитува, макар еден ден во годината. Се прашува, распрашува, додава, филмува и филува со остатоците од народната трпеза, после која мора звучно да се пождригне, да се свари и преработи во последниот продукт на метаболизмот.
Дента по 8 Март е празнотија, празни маси и чаши, празни цвеќарници и продавници, празни паричници... Што после испиените голтки, дегустираните залаци, распакуваните амбалажи, отпатуваните дестинации, одиграните игри без граници, ако се нема култ кон жената остатокот денови од годината?
Суштината на празникот не е во подароците, туку во слободата на љубовта, за која нема претплата. Жената треба да се сака и слави секој ден. Неповторливиот монмартовец, Жак Превер подарувајќи ги најубавите стиховите на саканата, ни ја подарува, на сите нас жени, суштината на љубовта преку песна: „Кој ден сме денеска?Ние сме сите денови пријателке моја. Ние сме целиот живот љубов моја. Ние се сакаме и ние живееме, и не знаеме што е тоа ден, и не знаеме што е тоа живот, и не знаеме што е тоа љубов.“
Стиховите на Превер излегле од неговата поетска и боемска душа кога сопругата тажно го погледнала мислејќи дека заборавил да ѝ го честита празникот. Да, немал никаков подарок во рацете, но имал очи полни љубов.
Тоа е тоа што ни треба на сите нас во реалноста, ден потоа… По празничната еуфорија, која мажите ја слават по кафеани во име на жените, ни треба поглед полн со љубов во текот на целиот месец март, во текот на останатите месеци, години, времиња. Ни треба слобода на живеење, без предрасуди и флоскули, поделба на машки и женски работни позиции. Борбата за женската еманципација од 1910 година со Клара Цеткин и Роза Луксембург, подоцна кај нас со Роса Плавева и Накије Бајрами, кои го симнаа фереџото од лицето на жената, сѐ уште е борба што трае.
Дали сме среќни со таква еманципација, самостојно да заработуваме, сами себеси да се честиме и наградуваме (под честа ни е мажот да нѐ финансира), да се грижиме за домот и децата после работното време што трае и кога влегуваме дома, избезумени од професионалните работни ангажмани. Згора на тоа, треба архетипски да разбудиме некоја заспана божица во нас (Афродита, Атена, Деметра или Мерилин Монро) и во стилот на Клеопатра, вешто и амбициозно да го задоволиме саканиот маж.
Ослободена од раката на мажот и од брачните стеги, жената се оптовари и физички и психички, а сѐ уште ја нема материјалната еднаквост. Жените сѐ уште имаат помали плати за иста професија, помала застапеност на високи функции и општествени позиции, жени на државнички и политички функции.
Останува реториката, дали да се бориме или да се одмориме? Во меѓувреме да научиме да ја почитуваме туѓата и своја слобода, како неприкосновен услов за здрав живот. Среќен Осми март, Ден на жената работник, заеднички да ги одработиме сите останати денови со љубов кон животот, кон слободата на избор и разбирање за различноста.
Најслободно како жена се почувствував кога сфатив дека моите слабости се мои предности. Тогаш се случи мојата ренесанса после која секојдневно сведочам напредок кај себеси.
Еден од моментите кога се чувствував најослободена како жена беше кога го прегрнав моето тело, во тој момент знаев дека можам да направам сѐ без разлика на сите препреки со коишто ќе се соочувам. Преку работилници и споделени искуства, длабоко се поврзав со себе и со другите, отфрлајќи ги општествените притисоци и прифаќајќи ја мојата автентичност. Самодовербата во мене го поттикна мојот активизам, инспирирајќи ме да се залагам за правата на жените и да ги оспорувам системските неправди. Во солидарноста на активизмот, најдов ослободување не само за себе, туку и за сите жени кои се стремат кон еднаквост и зајакнување.
Хмм, веројатно најослободувачки момент како жена, ми беше кога сфатив дека промените на женското тело и состојбите низ кои една девојка/жена поминува не се само мое искуство, туку заедничко. Тој ослободувачки момент за мене лично беше битен во процесот на себеприфаќање.
Искрено, најослободено како жена се чувствувам токму овие години, во годините кога успеав да ја изградам сопствената кариера, да заземам свое место во општеството, да оставам печат и со мојата работа, но и со моето делување како жена. Се чувствувам ослободено затоа што сметам дека сега ја имам моќта да делувам, да барам промени, да влијаам за унапредување на положбата на жените и сите маргинализирами групи на граѓани во општеството затоа што сметам дека само еднаквиот пристап до ресурсите, до можностите, до позициите на одлучување може да ни го направи ова општество навистина родово сензитивно и родово еднакво. Се чувствувам исто така ослободено затоа што ја имам поддршката од семејството, затоа што моите деца сега се веќе доволно големи за да влезат во образовниот систем, затоа што ја имам поддршката од заедницата и ме препознаваат како способна и силна жена која што може да направи и да донесе промени. Но, морам да напоменам дека не сите жени во нашето општество го имаат сето погоре наведено за да се чувствуваат ослободено како јас. Сè уште водиме битка за да обезбедиме платено породилно отсуство за сите жени родилки, сè уште водиме битка за законско регулирање на сите наши права и унапредување на родовата еднаквост во системот, сè уште мора буквално да војуваме за да дојдеме до позиција и моќ на одлучување, за да влеземе во политиката, за да станеме успешни, ама и за да го докажеме нашиот успех оти секогаш жената е таа која што се става на тест дали може да се носи со обврските и одговорностите. Верувајте ако знаеме да издигнеме едно семејство, ако успешно знаеме да ги изменаџираме и обврските во домот и оние во нашата кариера и оние во нашето образование и оние кои ни ги наметнува заедницата тогаш и повеќе од сигурна сум дека ќе знаеме да се носиме и со еднаквата положба во општеството и еднаквата слобода!
Не беше момент но во цел еден процес кој траеше подолг период... кога се повеќе ја осознавав својата флексибилна, мека, женска страна но и својата сила. Кога научив тие две страни да ги изедначам преку јогата... Само како избалансирана личност можеш да ја превземеш главната улога во својот живот. И тогаш си слободен...
Не сум се почувствувала заробена за да бидам ослободена. Во многу нешта, не го делам светот на машки и женски. 8 Март ми е убав спомен спомен на времето кога бев дете и беше радост да се купи цвеќе за учителката или „кристална“ вазна за мама и баба од „Центро“. Потоа, првите честитки од моите деца кога одеа во градинка. „Ослободена“ се чувствувам секој викенд, кога се качувам на Водно, а претходно појадок испекол Игор, додека децата и јас уште сме спиеле.
Јас сум од оние кои имале среќа да бидат уште од дома воспитани и научени на рамноправност. Во нашиот дом никогаш немало поделба на машки и женски работи ниту ограничувања дека не можам да направам нешто само затоа што сум девојка -жена… Оштеството е тоа што не ограничувало низ растењето и созревањето. Лично секогаш сум се борела против овие стереотипи и правила наменети само за жените и секогаш се трудам да бидам слободна -.во мојот избор, професија, став, опкружување, размислување, дејствување…. А најслободно како жена можеби се чувствувам токму сега во моите зрели години, овој момент кога одамна знам која сум што сакам и што можам да постигнам…моментот кога знам дека сѐ што сакам да постигнам можам сама (и покрај поддршката од моите блиски)..и моментот кога се почувствував доволно самоуверено и удобно да седнам сама во ресторан да се почестам чаша вино, порција паста и да уживам во мигот…