Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жузеп Борељ, оцени дека ситуацијата во Белорусија продолжува да се влошува поради репресијата на власта врз мирните демонстранти.
– Народот на Белорусија има право слободно да го избере својот претседател без прогонства или репресии, рече Борељ.
Пред состанокот на Советот на ЕУ во Брисел тој најави дека шефовите на дипломатиите на ЕУ 27 ќе разгледаат како да го поддржат народот во Белорусија и како да ги продолжат односите со белоруските власти, имајќи предвид дека ЕУ не го прифаќа Лукашенко за легитимен претседател.
– Ќе поддржиме инклузивен национален дијалог и правото на народот во Белорусија на слободни и фер избори, рече Борељ.
Тој додаде дека тоа не е мешање на ЕУ во внатрешните работи на Белорусија и нагласи дека демократијата и човековите права се основа на идентитетот на ЕУ.
Пред состанокот во Брисел, министрите за надворешни работи на ЕУ разговараа и со опозициската кандидатка за претседател на Белорусија, Светлана Тихановскаја.