Ракомет

Бразилецот Толедо нов ракометар на Вардар

1. јули 2019 - 12:17 | МИА

Скопје, 1 јули 2019 (МИА) – Бразилскиот репрезентативец Хозе Гиљермо де Толедо потпиша двегодишен договор со европскиот првак Вардар, објавија „црвено-црните“ на клупската веб-страница.

Толедо, кој игра на позицијата десен бек, има освоени златен (2016) и сребрен (2018) медал од Пан-Американските игри. Играше и на СП 2015 година во Катар.

„Со ангажирањето на Толедо веруваме дека ќе имаме уште подобра бековска линија во Вардар. Бразилецот низ своите настапи претходните години покажа дека може да биде корисен во секој тим. Неговата младост и пред сѐ напаѓачки и одбранбени способности секако ќе бидат добредојдени. Очекуваме Толедо да ја искористи шансата што ќе му биде укажана, и да покаже дека и ние и тој направил одличен избор со доаѓањето во Скопје“, изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Толедо е вториот Бразилец во клупската историја што ќе настапува во дресот на Вардар. Има искуство во играње во европските купови од 2014 година кога потпиша за шпански Гранољерс. По една нецела сезона се сели во Висла Плоцк во Полска каде останува до крајот на сезоната 2018/2019.

Вардар во пресрет на новата сезона го донесе: голманот Артурс Кугис, Сергеј Горпишин, Димитар Димитриоски, Павел Атман и тренерот Давид Писонеро.

Договорите со клубот ги продолжија и Сташ Скубе и Калифа Гедбан.

Подготовките за новата сезона треба да почнат на 24 јули во Скопје.

Коментирај