Земјите членки на Светската здравстена организација (СЗО) се согласија да се отвори независна истрага за глобалниот одговор на пандемијата со COVID-19.
Резолуцијата што беше донесена без ниту еден глас „против“ од 194-те земји членки на виртуелниот онлајн состанок на СЗО, исто така предвидува истрага за улогата на агенцијата на ОН во пандемијата.
САД беа особено гласни во критиките за начинот на кој СЗО одговори на пандемијата.
Што содржи резолуцијата?
Во усвоената резолуција се предвидува „независна, непристрасна и сеопфатна проценка“ на начинот на кој земјите одговорија на пандемијата.
Резолуцијата ќе се фокусира и на „временските рамки во кои реагираше СЗО на пандемијата со COVID-19. Организацијата се соочи со критики дека задоцнила со прогласувањето на здравствена криза.
Исто така се повикуваат земјите ширум светот да обезбедат „транспарентен, непристрасен и навремен пристап“ до терапии и вакцини, а исто така се инсистира СЗО да го истражи „изворот на вирусот и патот на заразата до човечката популација“.