Наука

Дали зависноста од пченка е причина за пропаста на Маите?

8. август 2019 - 19:53 | Б.С.Б.

Клучното прашање со кое денес се соочува современото општество е како човештвото најдобро да се адаптира на екстремните климатски промени. Можеби одговорот за тоа како треба, односно како не треба да се прави, може да го дознаеме од минатото. Како на пример, од цивилизацијата на Маите.

Во научната студија „Улогата на исхраната во отпорноста и чувствителноста на климатските промени меѓу раните земјоделски заедници кај Маите“, објавена во списанието Current Anthropology, авторите Клер Еберт, Џули Хогарт, Хаиме Аве, Брендан Калетон и Даглас Кенет ја истражуваа улогата на исхраната во способностите на древните Маи да ги издржат периодите на силните климатски промени.

Авторите откриле дека зголемената потреба на високата класа за исхрана на база на пченка можеби придонела жителите потешко да ја поднесат сушата. Тоа за возврат довело до пропаст на оваа цивилизација.

„Порастот на популацијата и деградацијата на животната средина предизвикани од интензивирањето на земјоделското производство, заедно со општествено-условените преференци во исхраната, влијаеле на тоа заедницата да биде помалку флексибилна и помалку отпорна“, смета Клер Еберт.

Научниците дошле до овој заклучок по анализа на човечки остатоци од 50 гробници пронајдени на стара заедница на Маите во Белизе, како и во соседните населби. Со мерење на активноста на јаглеродот утврдено е дека најстарите коски од овие гробници припаѓаат на периодот меѓу 735 и 400 година п.н.е., а најмладите остатоци меѓу периодот од 800 до 850 година.

Во Лабораторијата за хумана палеоекологија и геохемија на изотопи на Државниот универзитет во Пенсилванија измерени се вредностите на стабилните изотопи на јаглерод и азот од земените примероци. На тој начин е реконструиран начинот на исхрана на поединци и како се менувал со текот на времето. Особено внимание научниците обрнале на пченката.

Крајните резултати покажале дека упорното инсистирање на високата класа локалните жители да го зголемат производството на пченка, како и предноста која се давала на оваа култура, неотпорна на суша, веројатно е меѓу факторите кои довеле до пропаѓањето на социјално-политичкиот систем.

Коментирај