Една компанија за производство на сокови фрлила тони отпад од употребени портокали, а деценија и пол подоцна депонијата се претворила во зеленило.

Во 1997 година властите во Костарика ѝ дозволиле на локалната компанија за производство на сокови Del Oro да фрли тони остатоци од портокали на голо земјиште. Тоа ѝ било дозволено бидејќи се работи за земјоделски отпад кој не е штетен по природата бидејќи оваа компанија при производството на сокови не користела ни пестициди ни инсектициди. Години подоцна, таквиот потег дури се покажал и тоа како паметен.

Del Oro фрлила вкупно 12.000 тони остатоци од портокали пред да добие забрана за користење на депонијата.


Кога во 2013 година, односно 16 години по отпочнувањето на ваквата депонија, студент од Универзитетот Принстон го посетил местото бидејќи работел на проект кој го истражувал влијанието на земјоделскиот отпад врз почвата, и открил дека од депонијата нема ни трага, а местото е цело раззеленето.
„Местото беше толку обраснато со дрвја и грмушки што не можев да го видам ниту два метра долгиот знак кој го обележуваше местото. Веднаш знаев дека ќе треба да дојдеме со опрема за точно да утврдиме што се случува таму бидејќи ова место јасно ја покажуваше разликата помеѓу почва со и без ѓубриво“, вели студентот по име Тимоти Троер.

Наредната година се вратил со поброен тим и направиле детални испитувања. Откриле дека имало трикратно зголемување на растенијата, зголемување од 176% на надземната биомаса во споредба со соседната идентична област, како и значително покачени нивоа на макро и микронутриенти.

Природниот отпад од портокал до толку ја нахранил почвата што таа од голо и бескорисно место станала најбујна зелена средина во околината.
