Премиерлигашот одлучи да му се заблагодари на тренерот бидејќи резултатите на клубот се многу лоши во последно време.
Роналд Куман повеќе не е тренер на Евертон.
Денес управата на клубот од Гудисон парк потврди дека повлекла непопуларен потег и му се заблагодарила на досегашниот тренер, кој за девет одиграни кола во Премиер лигата не ги оствари посакуваните резултати.
Евертон е на 18 место, првата позиција под линијата за испаѓање, со само две победи и два нерешени резултати, како и пет порази.
На последните пет натпревари во шампионатот и Лига Европа доживеа три порази и два пати играше нерешено.
Капка која ја прелеа чашата се случи во неделата против Арсенал, кога „Карамелите“ изгубија во Ливерпул со 5:2.
„Претседателот Бил Кенрајт, одборот и главниот акционер Фархад Мошир му изразуваат благодарност на Куман за се што направи за клубот во изминатите 16 месеци. Посебно за освоеното седмо место минатата сезона“, стои во соопштението на официјалниот сај на клубот.