Илон Маск, основачот на SpaceX и еден од најбогатите луѓе во светот, објави меме на својот профил на X, поранешен Twitter, исмевајќи го украинскиот претседател и неговото барање за помош за одбрана од руската агресија.

На мемето што го објави се гледа ликот на Зеленски во мемето со момче со набрекнати вени на челото и вратот, со коментар: „Кога ќе поминат пет минути и уште не си побарал помош од милијарди долари“.
Со ова Маск им се придружи на екстремните десничари и левичари ширум светот кои тврдат дека западните земји, пред сè САД, треба да престанат финансиски и воено да ѝ помагаат на Украина и следствено да ја препуштат таа нападната земја на руските агресори.
„Твитот на Маск го виделе неколку милиони луѓе. Кога ваква порака ќе испрати еден од најбогатите луѓе во светот, не е тешко да се предвидат реакциите на Украинците и на сите оние кои застанаа на страната на нападнатата страна во војната меѓу Русија и Украина“, гласи реакцијата од официјалниот профил на украинскиот парламент, Verkhovna Rada.
Украинскиот парламент објави слично меме со ликот на Маск и коментар: „Кога ќе поминат пет минути и уште не си раширил руска пропаганда“. Овој твит подоцна го снема од социјалната мрежа.
На сопственикот на SpaceX му одговорија и група републиканци против Трамп, кои напишаа: „Зошто му се потсмевате на храбар лидер кој ја води својата нација во херојска борба за слобода? Дали имате срам?“, му напишаа на Маск.
Поранешниот агент на ЦИА на САД, Џон Сајфер му препорача на Маск „да побара помош“.
Американската помош за Украина е контроверзна тема откако Русија првпат започна отворена војна против Украина во февруари 2022 година. Повеќето демократи и традиционалните конзервативни републиканци беа за помош на Украина, но републиканците кои се на страната на поранешниот претседател Доналд Трамп во голема мера се спротивставија на помошта.
Според податоците на Associated Press, САД одобриле околу 113 милијарди долари помош за Украина од почетокот на војната. Претседателот Џо Бајден побара од Конгресот дополнителни 24 милијарди долари. Но, дополнителното финансирање беше многу контроверзно и беше исфрлено од најновото финансирање.
Да потсетиме, пред нешто помалку од еден месец, Илон Маск призна дека саботирал голем украински напад врз руската флота во Црното Море. Всушност, CNN на почетокот на септември објави дека минатата година Илон Маск тајно им наредил на своите инженери да ја затворат сателитската комуникациска мрежа Starlink на неговата компанија во близина на брегот на Крим за да спречат таен украински напад врз руската флота, се вели во извадок од новата биографија за ексцентричниот милијардер под наслов „Илон Маск“ на Волтер Ајзаксон.
Додека украинските подморнички беспилотни летала со експлозив се приближуваа до руската флота, тие „изгубија контакт“, пишува Ајзаксон, како што пренесува CNN, кој го објави ова како своја ексклузивна.
Одлуката на Маск, која ги натера украинските власти да го молат повторно да ги вклучи сателитите, беше поттикната од акутен страв дека Русија ќе одговори на нападот на Украина на Крим со нуклеарно оружје, страв што беше поттикнат од разговорите на Маск со високи руски претставници. Според Ајзаксон.
Маск сега потврди на X дека го саботирал големиот украински напад, но вели дека не го исклучил Starlink, туку одбил да го вклучи. Одговарајќи на објавата на X со наслов „ЕЛОН СПРЕЧИ НУКЛЕАРНА ВОЈНА?“, Маск напиша: „Starlink не беше активиран во дотичните региони. SpaceX не деактивираше ништо“.
Тој продолжи да тврди дека иако не им наредил на инженерите да го исклучат сателитскиот систем, тој ги одбил украинските молби да го вклучи.
„Имаше итно барање од владините власти да се активира Starlink сè до Севастопол. Очигледната намера беше да се потоне поголемиот дел од закотвената руска флота. Ако се согласев на нивното барање, тогаш SpaceX ќе беше експлицитен соучесник во голем чин војна и ескалација на конфликтот“, напиша Маск.