Додека во парламентот во Индија се водеше жестока дискусија за економијата, некои парламентарци не успеаја да останат будни.
Долготрајната седница ги исцрпи еден по еден, па во преносите во живо можеше да се види како полека ги занишуваат главите и заспиваат. Министерката за финансии, Нирмала Ситраман водеше жестока расправа за економската состојба во земјата, зборувајќи како одредени сектори, како автомобилската индустрија веќе почнале со закрепнување откако го објавила првиот буџет. Таа додаде дека иако растот е забавен, земјата не е во рецесија.
Но, изгледа на нејзините колеги овој говор не им беше многу возбудлив па повеќе пати беа снимени како ги занишуваат главите и се борат да не заспијат. Меѓу нив е и министерот за развој на вештини, Махендра Нат Пандеј.
Снимките и фотографиите од заспаните парламентарци беа инспирација за корисниците на социјалните мрежи кои ги споредија политичарите со индиската економија.
„Состојбата на нашата економија е снимена со камера“, напиша еден од коментаторите.
Други ја критикуваа опозицијата која повеќе пати повика на дебата за економијата за да на крајот ја напуштат седницата кога тоа прашање дојде на ред.