Јарослав Шилхавиј ја однесе Чешка на ЕУРО 2024 и веднаш си поднесе оставка на функцијата.

Чесите во последното коло извадија „виза“ за Германија со убедливата со 3:0 победа над Молдавија, директниот конкурент за пласман.
Давид Доудера во 14. минута, Томаш Хориј во 72. и Томаш Соучек во 90-тата погодија за Чесите за големо славје во Олмоуц и второ место во групата зад Албанија (двете репрезентации имаат по 15 бодови, но Албанија е подобра во меѓусебните дуели).
Чесите останаа без селекторот кој ден пред решавачкиот натпревар исфрли од тимот тројца фудбалери поради нарушување на дисциплината: Владимир Цоуфал, Јакуб Брабец и Јан Кухта, кои во саботата вечерта се забавувале во ноќен клуб.
„Притисокот беше огромен, понекогаш не го разбирав. Иако сме среќни, пред натпреварот јас и моите помошници решивме да не продолжиме да работиме во репрезентацијата. За ова го информирав претседателот на Асоцијацијата, Петр Фоусек. Притисокот беше огромен, тоа влијаеше на нашата одлука“, изјави Шилхавиј по пласманот на ЕУРО.
Шилхавиј е на чело на Чешка од 2018 година, а често беше критикуван поради неговиот стил на игра.
На жрепката за ЕУРО 2024, Чесите ќе бидат во третиот барабан заедно со Шкотска, Словенија, Словачка и веројатно со Швајцарија.