На денешната прес-конференција свое видување за утрешното отворање на новиот циклус квалификации даде и капитенот Стефан Ристовски.

Латералниот бек на загрепски Динамо минатата година поради повреди ги пропушти сите 6 дуели од Лигата на нации, во која Македонија целосно потфрли. Затоа, пред сѐ, истакна дека се надева дека овој пат репрезентацијата нема да ја мачат отсуства поради повреди.
„Нашата група во овие квалификации е најтешката. Низ целиот минат циклус се носевме со повреди и не бевме комплетни. Ние сме селекција која за жал нема голема ширина на играчи, но ете, драго ми е што сме сите тука моментално и се надевам дека низ целата година ќе бидеме здрави. Тоа е и најважно. Доволно се знаеме и сме искусни во оваа репрезентација“, вели Ристовски.
Македонија утре важи за апсолутен фаворит и сѐ освен победа ќе биде разочарување. Но, Малта треба да се победи на терен.
„Кажав доста пати дека сите ривали се исклучително квалитетни репрезентации, тука се фаворитите за европската титула Англија и Италија, исто така и Украина која располага со одлични играчи. Одиме чекор по чекор, имаме добар распоред и ако отвориме со Малта на добар начин, ќе добиеме ветер во грбот за следните натпревари. Тоа ми е најважно во моментов“, заврши капитенот.
Натпреварот се игра в четврток од 20:45 часот, а македонските фудбалери ќе истрчаат во новата гарнитура дресови.