Изречени се 32 глоби за неплаќање патарина, а шест полициски службеници поминале наплатна станица без да платат, со злоупотреба на т.н. флешери и службена легитимација, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Глобите се изречени при засилената контрола за санкционирање на евентуални злоупотреби при наплатата на патарина на автопатиштата и неовластена употреба на т.н. флешери, што била извршена завчера и вчера од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, Државниот инспекторат за транспорт и Мобилната единица за безбедност во сообраќајот.
Од МВР најавија дека против полициските службеници покрај изречена глоба ќе бидат преземени мерки и од страна на Одделот за внатрешна контрола.
„На 31.01 и 01.02 од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, Државниот инспекторат за транспорт и Мобилната единица за безбедност во сообраќајот беше извршена засилена контрола за санкционирање на евентуални злоупотреби при наплатата на патарина на автопатиштата и неовластена употреба на т.н. 'флешери'. Притоа изречени се 32 глоби за неплаќање на патарина. Шест полициски службеници ја поминале наплатната станица без да платат, со злоупотреба на флешери и службена легитимација и против нив покрај изречената глоба, ќе бидат преземени мерки и од страна на Одделот за внатрешна контрола“, соопшти МВР.