МК сцена

Концертна промоција на „Крик и Прашина“ на Сашко Костов

13. март 2019 - 17:50 | А.С.

На 20 aприл (сабота) во 21 часот во Денсинг салата на МКЦ ќе се одржи концертна промоција на новиот албум на Сашко Костов насловен „Крик и Прашина“.

Осумте песни - „Прашина“, „Еј, еј“, „Ништо посилно“, „Living“, „Неонски хаос“, „Еве ти сон“, „Здив“ и „Последна“ ја создаваат и проектираат сликата за еден универзум полн различни предизвици и емотивни и сетилни, водени најчесто од идејата колку музиката може да биде одговорот на сите прашања, стои во најавата за промоцијата.

Сашко Костов со овој албум отвара ново поглавје во неговото истражување на музиката. Не само инструменталниот сопствен предизвик – да се отсвират скоро сите инструменти на албумот, самостојно, туку и со текстовите на македонски јазик, напишани заедно со писателката Ана Стојаноска, албумот „Крик и прашина“ е оригинална, автентична, емотивно - експресивна приказна за едно патување низ музичките соѕвездија.

Славчо Пеев, Антоније Арангеловиќ свиреа на цел албум, а Михаил Парушев, Бојан Петков - Шамба, Анета Качуркова, Александар Ристовски - Принц, Огнен Анастасовски - Окац, се појавуваат како гости на по една песна.

На промоцијата Костов ќе свири со нов бенд составен од него (вокали, гитара, семпелер и удиралки), Дамјан Даневски – тапани, Марио Симоновски – гитара, Кире Ацевски – бас, Симон Облешевски и Мартин Џорлев– клавијатури.

Наскоро ќе бидат објавени информации за билетите.

Коментирај