Манекенката Линда Евангелиста во документарниот филм The Super Models, кој беше објавен денеска, изјавила дека нејзиниот поранешен сопруг Џералд Мари ја злоставувал.

Имено, во документарен филм за Apple+, поранешната манекенка тврди дека била злоставувана за време на нејзиниот петгодишен брак, но дека благодарение на другите жени дури неодамна добила храброст јавно да проговори за тоа.
Евангелиста (58) беше во брак со Џералд Мари (73) во периодот од 1987 до 1993 година, кој во тоа време беше на чело на европскиот огранок на Elite Model Management. Евангелиста се омажила за него кога имала 22 години, а се развела на 27 години.
„Знаеше дека не смее да ми го допира лицето, дека не смее да го допира она што му носи пари“, вели таа.
Свесна е дека била во лоша врска, но не ѝ било лесно да излезе од таа врска. Во изјава за Apple TV+, Џералд Мари ги негираше наводите за злоупотреба и рече дека никогаш не извршил ни најмал чин на насилство.
Инаку, во 2020 година седум жени го обвинија нејзиниот поранешен сопруг за силување и сексуална злоупотреба, а Евангелиста призна дека верувала во нивните тврдења, пофалувајќи ја нивната храброст и сила.
Евангелиста претходно тврдеше дека личното искуство со него ја навело да верува во тврдењата дека тој силувал и сексуално напаѓал модели во 80-тите и 90-тите.
Минатата година се тврдеше дека за време на нивниот брак, Мари водел операција за трговија со луѓе надвор од неговата мултинационална агенција за модели - каде што наводно силувал повеќе од десетина модели на возраст од 14 години.
За потсетување, Евангелиста на почетокот на септември откри дека пред пет години ѝ бил дијагностициран рак на дојка и била подложена на двојна мастектомија. Сепак, Евангелиста откри дека болеста се вратила минатата година и дека сега има рак на пекторалниот мускул.