Под насловот „La partita della vita“ Синиша Михајловиќ денеска на јавноста ѝ ја презентираше својата книга.

Во живо на GazzettaTV српскиот стратег говореше за своето прво книжевно издание, автобиографијата наречена „La partita della vita“ (Натпревар на животот).
Книгата во издание на Solferino е напишана со помош на Андреа Ди Каро, заменик директор на La Gazzetta dello Sport, најтиражниот италијански весник. Во неа Михајловиќ раскажува за својата кариера, од времето кога играше со Роберто Манчини, Златан Ибрахимовиќ и Дејан Станковиќ, а против Франческо Тоти, до односот со Масимо Морати и Валтер Сабатини. Но, и за неговата борба со леукемијата.
Засега книгата е достапна само на италијански јазик.

Михајловиќ од јануари 2019 е на клупата на Болоња. Претходно ги водеше Спортинг, Торино, Милан, Сампдорија, Фиорентина, Катанија и пред 10 години исто така Болоња, беше и селектор на Србија, а тренерската кариера ја почна како асистент на Манчини во Интер.
Играчката кариера ја почна во Борово, потоа играше за Војводина, а се прослави во златната генерација на Црвена звезда. Од 1992 година до крајот на кариерата во 2006 беше во Серија А играјќи за Рома, Сампдорија, Лацио и Интер.
За репрезентацијата на Југославија одигра 60 натпревари и постигна 10 голови. Настапи на Мундијалот 1998 и ЕУРО 2000, а беше на списокот и за ЕУРО 1992 кога поради војната на репрезентацијата на Југославија ѝ беше забрането да игра.