По убедливиот пораз на гостувањето кај Франција на воведниот натпревар од квалификациите, младите македонски фудбалери денеска одиграа без голови против соседна Србија.

Пред солиден број на гледачи на стадионот „Атина Бојаџи“ во склоп на охридскиот спортски комплекс „Билјанини извори“, македонската фудбалска репрезентација до 21 година го одигра вториот квалификациски натпревар за пласман ан европското првенство кое во 2023 година ќе се одржи во Грузија и Романија.

Србија покажа дека е посилна репрезентација, имапе повеќе од играта и создаде повеќе шанси, но голманот на штипска Брегалница, Давид Денковски, со своите одбрани дефинитивно заслужи да биде играч на натпреварот.
Во 36. минута гостите имаа одлична шанда да го отворат резултатот кога главниот судија престрого досуди удар од белата точка по еден дуел на Ѓурковски со Милосављевиќ во казнениот простор. Но, голманот Денковски го одбрани ударот на Милосављевиќ, а успеа да запише и одбрана по одбиената топка и да ја зачува мрежата незатресена.
Веројатно најсериозната шанса за младите Македонци беше во 64. минута кога по корнерот на Антовски со глава биеше Божиновски, но од самата гол-линија со крајни напони гостинскиот голман Гордиќ успеа да спречи гол.
Во 79. минута Македонија пропушти колосална шанса преку контра напад да ги казни промашувањата на гостите. Фазлагиќ се најде еден на еден со српскиот голман, аголот му беше скратен бидејќи беше од десната страна, и веројатно затоа не успеа да реализира.
А, дека Македонија на крајот треба и да жали што не победи говорат шансите на Трајкоски и Елези во судиското надополнување. Трајкоски имаше отворен удат, но успеа да го префрли голот, додека Елези после корнер од петерецот не успеа да го совлада Гордиќ.
Македонија: Давид Денковски; Филип Антовски (к), Метју Божиновски, Александар Ѓурковски, Георгије Јанкулов; Енис Фазлагиќ (86' Али Адем), Томче Гроздановски (58' Бесник Ферати), Агон Елези; Методи Максимов (66' Лука Трајкоски), Стефан Чолаковски (66' Арби Воша), Марио Илиевски (86' Емир Скендери).
Србија: Гордиќ; Шеховиќ, Честиќ, Марковиќ (к), Тетек; Милосављевиќ (77' Зукиќ), Видосављевиќ, Топиќ (56' Џерлек); Стевановиќ (62' Јовиќ), Тедиќ, Гавриќ.
Во нашата група синоќа Фарските Острови изненадија играјќи 1:1 со фаворитот Франција, додека денеска се игра натпреварот Украина - Ерменија.
Табела:
- Франција 4 4:1 (2)
- Фарски Острови 4 3:3 (3)
- Украина 3 1:0 (1)
- Ерменија 3 2:2 (2)
- Србија 1 0:1 (2)
- Македонија 1 0:3 (2)
Во заграда е бројот на одиграни натпревари.
Наредниот натпревар за нашата млада репрезентација е наредниот месец кога на седми ќе ни гостува аутсајдерот Фарски Острови.