Полицијата официјално потврди дека актерката Наја Ривера е мртва, пет дена откако исчезна за време на патување со брод во Калифорнија заедно со четиригодишниот син.
„Сигурни сме дека телото што го најдовме е на Наја Ривера“, изјави шерифот на Вентура Каунти, Бил Ајуб, на прес-конференција.
„Овој период и премрежје беа исклучително тешки за семејството... сочувствуваме со нив во тагата за загубата на Наја“, рече тој.
Шерифот додаде дека нема докази дека можно е да се работи за самоубиство или убиство во смртта на Ривера.
33-годишната актерка исчезна во средата откако заминала на патување со изнајмен брод во езерото Пиру во Вентура Каунти, Калифорнија. Таа изнајмила брод на три часа и испловила заедно со четиригодишниот син Џоси Дорси.
„Тој и Наја заедно пливале во езерото“, рече Ајуб. „Детето ни изјави дека Наја му помогнала да се качи на бродот“, додаде шерифот и објасни дека детето потоа им кажало на детективите дека се свртело назад и ја видело мајка си како исчезнува под површината на водата.
„Сметаме дека собрала доволно енергија да го врати детето на бродот, но не и да се спаси себе си“, рече шерифот.
Откако истекло времето на изнајмување на бродот, вработените во агенцијата го нашле бродот на северната страна на езерото, а Џоси бил внатре, заспан, со елек за спасување на себе. Елек за спасување во величина за возрасен, за кој се смета дека бил на Ривера, бил најден на бродот.
Веднаш беше почната истрага и акција за пребарување, но полицијата веднаш се посомнева дека актерката починала во „страшна несреќа“.
Вчера спасувачите извлекоа тело од езерото, најдено на дното, заплеткано во подводни грмушки. Во езерото Пиру имало неколку случаи на давење во изминативе години и отворена е петиција да се воведе забрана за пливање.
Ривера се прослави со улогата на Сантана Лопез во популарната серија „Glee“ и стана еден од ТВ-симболите на ЛГБТ заедницата откако нејзиниот лик се изјасни како геј во епизодата „I Kissed a Girl“ во 2011 година. Ривера продолжи да ја поддржува и охрабрува ЛГБТ заедницата и во својот приватен живот.
На 2 јули Ривера објави селфи на Instagram со порака што од оваа перспектива звучи како предвесник на трагичниот настан: „Без разлика каква е годината, какви се околностите или проблемите со кои се соочувате, секој ден е благослов. Искористете го до максимум овој ден и секој ден што ви е даден. Никој не може да ни вети дека ќе има утре.“
Вчера се одбележа и тажната седумгодишнина од смртта на нејзиниот колега од серијата Кори Монтит, кој почина од предозирање со лекови на 13 јули, 2013 година. Марк Сејлинг, исто така колега од серијата, се самоуби во јануари, 2018 година, откако беше обвинет за поседување детска порнографија.
Фановите и колегите на Ривера од „Glee“ се збогуваа со неа преку социјалните мрежи. Деталите околу погребот уште не се соопштени.