Времето за постигнување најдобри резултати од вежбање е различно за мажите и за жените, покажа нова американска студија.

Истражувањето покажа дека во женското тело маснотиите се согоруваат побрзо во утринските часови, додека кај мажите истото е забележано кога вежбаат во вечерните часови.
Разликата во хормоните, биолошкиот часовник и циклусите на спиење меѓу половите можат да имаат голема улога, пишува BBC.
Резултатите од истражувањето се објавени во списанието и опфатило 30 мажи и 26 жени, активни и здрави, на возраст меѓу 25 и 55 години. Истражувањето траело 12 недели при што научниците го следеле влијанието на различни фитнес програми вклучувајќи и истегнување, вежби за сила, отпорност и издржливост.
Една група испитаници вежбале еден час пред 8:30 наутро, додека друга група ја имала истата рутина само во вечерните часови. Сите имале ист план на исхрана. За време на студијата научниците го следеле крвниот притисок, маснотиите во крвта, но и флексибилноста, силата и аеробните способности.
Сите учесници во текот на 12 недели покажале позитивни здравствени промени додека вежбале.
„Најдоброто време за вежбање е она кое вам ви одговара“, истакна д-р Пол Арсерио, автор на студијата и професор по психологија во Њујорк.
Но, вистината е дека идеалното време е различно за мажи и за жени. Вечерното вежбање се покажало идеално за мажите кои се обидуваат да го подобрат здравјето на срцето и дигестивниот систем. Подобар метаболизам значи и помал ризик од дебелина, дијабетес тип 2, срцеви болести и мозочен удар.