Сан Марино ги загуби сите 10 натпревари од квалификациите за ЕУРО 2024, но токму овој циклус ќе го памети по убаво - успеа да постигне три гола на три натпревари по ред.

Сан Марино е најслабо рангираната репрезентација во зоната на УЕФА, но и во светот. Никогаш не победуваат, понекогаш знаат да одиграат нерешено, па затоа фудбалерите најмногу се радуваат кога ќе постигнат гол, затоа што и тоа многу ретко се случува.
Но, во овие квалификации Санмаринците постигнаа дури 3 гола и тоа на три натпревари еден по друг - нешто што никогаш во историјата не им успеало.
Сан Марино синоќа загуби од Финска на домашен терен со тесни 2:1. До длабоко во судиското надополнување губеа со 2:0, но тогаш добија пенал кој успешно го реализираше Филипо Берарди. За 30-годишното крило на локалниот клуб Космос ова е втор репрезентативен гол откако еден постигна пред 4 години против Казахстан во ЕУРО 2020 квалификациите (пораз од 3:1).
Претходно Санмаринците ги тресеа мрежите и на Данска (1:2, стрелец Алесандро Голинучи) и Казахстан (1:3, стрелец Симоне Франчози), благодарение на што дојдоа до за нив невиден подвиг - 3 гола на 3 последователни натпревари.
Во досегашпните 204 одиграни натпревари Сан Марино победил само еднаш и тоа во 2004 година со 1:0 против Лихтенштајн во пријателски натпревар.
Сѐ на сѐ Сан Марино нема загубено на само 9 натпревари во својата историја, а најважниот резултат е секако ремито без голово против Турција во 1993 година.
Поразите се вкупно 195, имаат постигнато 31 гол, а примени дури 829.
За нивните навивачи веќе пишуваме (прочитај тука), а синоќа нивниот админ на X повторно полуде поради постигнатиот гол.
Најдобар стрелец во историјата на оваа репрезентација е локалната легенда Анди Селва со 8 постигнати голови, а од останатите никој нема повеќе од 2. Токму Филипо Берарди со синоќешниот пенал има 2 и го дели второто место со пензионираниот Мануел Марани.
Сите натпревари на кои Сан Марино останувал непоразен:
10 март 1993, квалификации за СП 1994
Сан Марино - Турција 0:0
25 април 2001, квалификации за СП 2002
Латвија - Сан Марино 1:1
20 август 2003, пријателска
Лихтенштајн - Сан Марино 2:2
28 април 2004, пријателска
Сан Марино - Лихтенштајн 1:0
15 ноември 2014, квалификации за ЕУРО 2016
Сан Марино - Естонија 0:0
13 октомври 2020, Лига на нации 2020/2021
Лихтенштајн - Сан Марино 0:0
14 ноември 2020, Лига на нации 2020/2021
Сан Марино - Гибралтар 0:0
21 септември 2022, пријателска
Сан Марино - Сејшели 0:0
17 ноември 2022, пријателска
Света Луција - Сан Марино 1:1