Археолозите пронајдоа интригантен предмет во северна Шпанија во 2021 година - бронзена рака од железното време, стара околу 2.000 години, со четири реда чудни симболи.
Според новите истражувања, овој древен епиграф е поврзан со древните палеохиспански јазици и можеби припаѓал на јазичната линија која подоцна се развила во денешниот баскиски јазик.
Во времето кога била изработена раката, областа била населена со народот Васкон, за кој се претпоставувало дека не развиле пишување. Оваа рака покажува дека тоа веројатно не е така.
„Деталната лингвистичка анализа покажува дека овие знаци претставуваат графички потсистем на палео-хиспанскиот кој ги споделува своите корени со современиот баскиски јазик и го претставува првиот пример на васконската епиграфија“, велат истражувачите.
Ориентацијата на натписот, малата дупка на врвот и местото каде што е откриена раката укажуваат на тоа дека древните Васкони ја обесувале на влезот на градба за живеење. Симболите се врежани со помош на техниката зграфито, со која најпрвин се направени линии, по што се дупчат поголеми точки, пишува Science Alert.
Не е познато со каква точна алатка племето ја направило бронзената рака, но научниците веруваат дека, меѓу другото, користеле и остра железна алатка како брин. Иако не е можно да се преведе целиот текст, експертите пронајдоа интересни паралели со модерниот баскиски јазик. Една од клучните врски е првиот збор на раката, сорионеку, и баскискиот збор зориенеко, што значи среќа.
„Текстот на овој артефакт, кој е пронајден на влезот на градба за домување, веројатно симболизирал бериќетни или поволни околности. Можно е раката да има некакво ритуално или културно значење“, наведуваат научниците.
Имено, неколку артефакти од железното време се откриени во Васкони и Пиринејски регион, на кои се гледа задниот дел на отворена десна рака. Научниците наведуваат дека варијациите во големината на буквите и некои недоследности во нивното гравирање укажуваат на прилично невнимателен и непланиран пристап кон пишувањето.
Експертите сега продолжуваат да ја анализираат таканаречената Ирулегиска рака, именувана по местото каде што е пронајдена, со цел да научат што повеќе за развојот на пишаниот јазик пред доаѓањето на Римјаните.
„Овој натпис покажува дека Васконите го знаеле пишаниот збор, барем до одреден степен“, пишуваат експертите.
Истражувањето A Vasconic inscription on a bronze hand: writing and rituality in the Iron Age Irulegi settlement in the Ebro Valley е објавено во списанието Antiquity.