Македонската музичка сцена доби нов бенд кој ќе ја промовира рок музиката и тоа на оригинален начин, со свои авторски песни. Веќе ја објавија својата прва нумера со видеозапис.
Групата „Mayday“ брои шест членови. Нивната музика е олдскул рок ен' рол со текст на македонски јазик. Првата нумера која ја објавија заедно со видеоспот се вика „Можам без тебе“.
„Замислата е да снимаме само авторски песни. Имаме доста материјал за обработка, работиме веќе и на наредните песни кои се средуваат аранжмански. Македонската музичка сцена моментално е замрена, посебно рокот. Нема многу бендови и авторски песни, па пробуваме да придонесеме да се негува и одржува таа музика и кај нас колку што се може“, за Kajgana.com изјави Никола Младеновски, член на бендот кој последен се вкучил во екипата.
Како и секој млад бенд, така и пред „Mayday“ постојат предизвици за да ги оствари своите замисли, да се пробие на мак-сцената.
„Нормално, секој се надева дека би постигнал одреден успех во тоа што го работи. Замислата е да стигнеме до настапи на манифестации како што се ПивоФест, ВиноСкоп, ДФест и нормално да се промовираме ние и нашата музика“, заврши тој.
Фото: Mayday