Октомври е розов месец, но ракот не е нималку таков

Кристина Ивановска МИА; Фото: Дарко Попов и Фросина Насковиќ
/ 24.10.2022 / 10:19

Ден навидум ист, а многу поразличен од останатите, ден кој ќе ви го промени животот, ден кога снимањето на мамографот и погледот на докторот кој се труди да најде збор што помалку ќе боли, да ви соопшти дека таму некаде во вашата дојка се сместило некое „потстанарче“.

Македонка Икономова-Давчева од здружението Љубов сме/Jemi dashuri, кое има за цел да им помогне на пациентите кои боледуваат од рак, по повод Октомври – Светскиот месец за борба против ракот на дојка за МИА раскажува дека денот кога се потврдува сомнежот „Да, Вие имате карцином“ е денот кога започнува борбата со самиот себе, милион прашања на кои нема одговор, освен едно „Зошто јас?“.

– Од тој миг вие сте веќе друга личност, непозната и за самата себе. Останувате сами со својата болка и почнувате да чекорите низ лавиринтите на нешто за вас ново и непознато. Сакајќи да им помогнеме на тие што сега се соочуваат со карциномот, ние неколку љубовчиња кои не спои истата мака, дојдовме до идеја да направиме Фејсбук група каде ќе бидеме од помош, каде ќе подадеме рака за никој повеќе да не биде сам, вели Икономова-Давчева.

Најчест проблем, како што посочува се сè поголемите бројки на новозаболени пациенти и они кои веќе со години се лекуваат од карцином на дојка, а мал број на специјалисти онколози. Односот доктор-пациент, според нејзе е на задоволително ниво, со оглед на тоа дека еден доктор дневно прима и над сто пациенти.

– Според мене, најважно е да бидеме гласни секој ден, секој месец, а не само октомври, да укажеме дека раното откривање значи и успешно лекување. Нашата порака која сакаме да ја упатиме до сите жени е да апелираме да прават самопреглед, навремени ехо прегледи и редовни мамографски прегледи. Воедно, Министерството за здравство и Владата да ни овозможат термини, кои за жал, ги немаме, да им овозможат на Клиниките современи дијагностички апарати, да ја променат конечно позитивната листа на лекови, да ја стават биолошката терапија на истата. И како што изјави министерот Беким Сали: „Се работи за скапа терапија“, но, има ли цена еден спасен човечки живот?, порача Македонка Икономова-Давчева.

Во јуни 2018 година е основана Фејсбук-групата Љубов сме/Jemi Dashuri, а веќе во 2020 година и официјално се регистрира како Здружение.

Октомври е розов месец, но ракот не е ни најмалку таков. Две храбри жени, Антигона и Наташа пред камерите на МИА ја раскажаа нивната приказна од моментот кога дознале дека имаат рак на дојка и нивната борба.

Антигона Сефери за МИА раскажува дека со карциномот се соочила во 2020 година, во најтешкото време, кога светот за момент застана и сите се фокусираа на COVID-19, а и нашата земја не беше исклучок.

– Се соочив истовремено со карцином и со ковид, што беше многу тешко, не само за мене, туку за сите пациенти кои се лекуваат од оваа ризична болест. Најголем проблем беше немање термини за ехо прегледи. Сите знаеме дека радиолозите се фокусираа ковид-пациенти. Бевме оставени кој како знаеше и умееше да се бори со својата најтешка битка во животот, вели Сефери.

Раскажува дека била принудена да отиде на приватни прегледи, а искуството од познаници кои претходно се соочиле со оваа болест и помогнало да добие насоки како да постапи и каде најбрзо да се обрати.

– Случајно се пријавив на преглед, немав симптоми. Ми кажаа дека се работи за карцином. Раното откривање на болеста е голема придобивка за пациентот. Полесно се бори со истата и шансите за спасување, односно преживување се големи. Првото мислење од докторката беше дека постои сомнеж, за што треба да се направи итна биопсија, додава таа.

Првото мислење, како што вели, не сакала да го прифати, па затоа побарала и второ мислење со што ѝ се потврдило дека е потребна итна биопсија.

– Закажав консултација со торакален хирург, ги виде резултатите и закажавме операција што е можно побрзо. Знаевме за каков вид карцином станува збор, лобуларен инвазивен карцином. Губењето време е нешто што прави голема штета за пациентите со таков карцином, вели Сефери.

По операцијата Антигона продолжила со хемотерапиите, кои како и сите пациенти ги поднела многу тешко.

– Утехата ја најдов во пешачењето, слушање музика, дури водам и дневник кога ми е најтешко. Тогаш пишувам и ја вадам цела мака надвор. Важно е да не држиш во себе, бидејќи ако одлучиш да издржиш и да си силен пред сите, тоа може да ти направи голема штета, раскажува таа.

Порача дека со добра мисла, волја и мотив нема откажување, бидејќи ништо во животот не трае вечно.

Наташа Велевска за МИА раскажува дека со карциномот се соочила во 2015 година. Веќе подолго време чувствувала замор, болка во плешката и трнење на раката, но сите тие симптоми ги сфатила како резултат на тоа што е самохран родител и сите обврски останале на неа.

– Имавме една ситуација со моето дете си игравме. При играњето осетив голема болка, се напипав и осетив грутка. Беше летен период, немаше доктори и чекав да помине тој период за да направам преглед, вели Велевска.

Првиот преглед го направила на 13 октомври. Раскажува дека докторката подолго се задржала кога ја прегледувала на ехото, а со тоа сфатила дека нешто се случува.

– Ми побара и претходни наоди, меѓутоа јас не ги носев. Јас сум оперирана од фиброаденом во 1998 година и постојано ме водат дека имам циста, а никој не ми кажа дека може да стане збор за канцер, додава таа.

Веднаш била испратена на мамографија а потоа следувала и биопсија.

-Биопсијата покажа инвазивен карцином, а докторот препорача дека мора да се оперирам во рок од една недела. Најдов добри доктори, каде отидов на консултација. Докторите Џиковски и Чаланчевски. Прекрасни доктори кои искрено ми дадоа многу голема поддршка. Направивме операција, покажа дека е повисок стадиум, каде што имаше зафатено лимфни јазли, осум беа малигни, раскажува таа.

По операцијата веднаш следела и хемотерапијата. Раскажува дека првите четири хемотерапии ги поднела многу тешко.

-Секој ден доаѓаше Брза помош. Потоа следуваа уште четири хемотерапии со многу болки во коските. Следуваа 25 зрачењеа каде што се здобив со опекотини, беше летен период морав многу да внимавам. Помина и тоа, веќе негде септември повторно почна болка во истата града, додава таа.

И направиле и биопсија, но поради воспаление на дојката не покажало ништо. Резултатот бил бениген, а воспалението не се смирувало.

– Докторите одлучија повторно да се направи операција. Тоа се случи во декември 2016 година. Втората операција ја поминав многу потешко. Ми се отвори и раната, но се тоа помина, вели таа и додава дека сите овие процеси, целосно и го промениле животот, а почнале да се јавуваат и други здравствени проблеми, поради терапијата, којашто била потешка терапија од вообичаената.

Голема поддршка за Наташа во тие моменти и била психолошката поддршка и поддршката од Здруженијата „Борка“ и „Љубов сме“.

– Почнав да одам на предавања, да навлегувам во тематиката. Нас почна да ни се шири кругот на пријатели и биравме со кого комуницираме. Не секој сака да разговара на за тоа, сè уште кај нас е табу-тема ракот, додава таа.

Промената ја почувстувала и во организмот, но и опкружувањето.

– Почнуваме со самите проблеми да си ги бираме пријателите, роднините, се околу нас бидејќи повеќе не сме истите. Кај мене дополнително беше и тоа што сум самохран родител со петгодишно дете и повозрасни родители, што ми даваше сила да се изборам, раскажува таа.

Во оваа битка Наташа е веќе седум години. Се соочила и со хистеректомија, гинеколошка операција.

– Операцијата се случил на почетокот на пандемијата. Ја поминав малку потешко, ми се јавија проблеми со анестезијата, поради проблем со алергии, како резултат на карциномот, вели таа.

Таа операција и ја одзела сета сила и енергија и била многу негативна.

– Мене тоа многу ми пречеше, но почнав почесто да одам на психолог. Сама си побарав психолог, бидејќи најдобро може да ме разбере само тој. Без разлика дали разговарам со пријатели или со луѓе кои поминале низ тоа, психологот може најдобро да ме советува, додава Велевска.

Порача дека секој треба да посетува психолог, иако многу луѓе се срамат. Поддршката од психологот е многу значајна и помага во најтешките моменти.

Октомври е светскиот месец за борба против ракот на дојката. Во Северна Македонија, согласно последните податоци од Институтот за јавно здравје стапката на морталитет од рак на дојка во 2020 година изнесува 32,3 на 100.000 жени.

Ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај жените и најчеста причина за смрт. Секоја осма жена ќе се соочи со ова заболување во текот на својот живот.

Бројот на заболени и починати жени од рак на дојка се зголемува со возраста, значително по 45-тата година од животот, а најчесто над 50-годишна возраст. Повеќе од 90% од заболените од карцином на дојка може да се излечат ако дијагнозата се постави во рана фаза и се лекуваат правилно.

Тагови
реклама

740.000 случаи на рак годишно се поврзуваат со една навика

Read more

Од 25 април почнува финансискиот успех за еден хороскопски знак

Read more

Една од најуспешните порно ѕвезди незадоволна од заработката: Не е во ред

Read more

Како машината за перење и облеката секогаш да ви мирисаат совршено?

Read more

Македонија

УКИМ донесе Одлука за основање на Фондација Горан Стефановски

Read more

Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата

Read more

1 и 6 мај неработни за сите граѓани на Македонија, 3 мај за православните

Read more

Герасимовски: Со видео надзор Центар ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните и ќе ги заштити јавните добра

Read more
 

Вести

УКИМ донесе Одлука за основање на Фондација Горан Стефановски

Читај повеќе

Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата

Читај повеќе

1 и 6 мај неработни за сите граѓани на Македонија, 3 мај за православните

Читај повеќе

Герасимовски: Со видео надзор Центар ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните и ќе ги заштити јавните добра

Читај повеќе

Шојгу: Русија никогаш не планирала да ги нападне земјите на НАТО

Читај повеќе

Апасиев: Не паѓајте во духот, долг е патот на борбата, со душа го чекаме 8 мај

Читај повеќе

Тројца скопјани искасани од кучиња скитници

Читај повеќе

С.О.С. фестивалот се враќа на домашната сцена

Читај повеќе

Маскиран со фантомка влегол во казино во Лешок, репетирал автоматската пушка и украл 329.780 денари: Притвор за 28-годишник

Читај повеќе