Остатоци од античко пристаниште и трговски град се откриени во јужен Кипар за време на ископувањата предводени од шведскиот Универзитет во Гетеборг, соопшти управата за антиквитети на медитеранскиот остров.
Градот на брегот на солено езеро во близина на Ларнака, кој се проценува дека е со големина од најмалку 25 хектари, датира од доцното бронзено време и го достигнал врвот помеѓу 1600 и 1100 година п.н.е., рече Јоргос Георгиу, привремен директор на Кипарската управа за антиквитети.
„Градот бил богат благодарение на производството на бакар и трговијата со блиските и далечните култури“, додаде тој во писмениот одговор до AFP.
Пронајдените предмети при ископувањето водат до заклучок дека градот бил трговски центар, рече тој.
Освен тоа, гробовите пронајдени на локалитетот се меѓу најлуксузните пронајдени во Медитеранот, соопшти тим шведски експерти.
„Најдовме повеќе од 500 цели предмети во двата гроба“, објави Петер Фишер, професор по археологија и водач на експедицијата на веб-страницата на универзитетот.
Околу половина од артиклите се увезени од Египет, Авганистан и Индија, додаде тој.