Некои клубови со нетрпение го чекаат јануарскиот преоден рок за да договорат ново засилување кое ќе им помогне да ги остварат нивните цели во сезоната, но истото важи и за оние фудбалери на кои им е неопходна промена на средината за да „проработат“.
Обично на јануарскиот преоден рок не се гледа како шанса за реновирање на составот, туку само можност да се исправат грешките направени во летото и првиот дел од сезоната.
Овојпат, наместо да ги анализираме тимовите, ќе се фокусираме на играчите на кои им е потребен трансфер во јануари. Дел од овие фудбалери се премногу добри за нивните клубови, други се незадоволни од моменталната ситуација, додека трети би можеле да се покажат како многу покорисни доколку ја променат средината.
Иско / Реал Мадрид
Со пристигнувањето на Сантијаго Солари на клупата на Реал Мадрид, Иско добива минимална шанса да ги покаже неговите несомнени фудбалски квалитети. Иако тој е далеку од играчот кој му е потребен на европскиот шампион за да ја врати оваа сезона во колосек, сепак се добива впечаток дека Иско може да му помогне на мадридскиот состав во оваа резултатска криза. Засега заинтересиран е само Арсенал, кој има средства, а и потреба за трансферот на Шпанецот.
Гонзало Игуаин / Милан
Аргентинецот до неодамна беше еден од најбараните напаѓачи на светскиот пазар и вистинско чудо е како успеа да заврши во составот на Милан, кој сезонава успеа да ги разочара и најверните навивачи. Подеднакво разочарувачка беше и играта на Гонзало Игуаин, кој успеа да постигне само 6 голови во Серија А, иако секогаш беше прво име во изборот на Џенаро Гатузо. Ако може да им се верува на италијанските медиуми, тој веќе се договорил со Челзи и ќе го засили англискиот тим во наредните 48 часа.
Малком / Барселона
Кога во текот на летото Барселона ја „претекна“ Рома до потписот на Малком, се чинеше дека тоа е исполнување на сонот за младиот Бразилец. Пет месеци подоцна, тој одигра само 97 минути во Ла Лига за Барселона и се наоѓа на излезна врата од клубот. Во последната недела силно се шпекулира за неговата потенцијална позајмица во Фиорентина, но засега нема конкретен контакт помеѓу двата клуба.
Месут Озил / Арсенал
Каде е Месут Озил? Локациски, тој се наоѓа во Лондон, но каде е на фудбалската мапа во 2019 година? Германскиот плејмејкер игра толку ретко за Арсенал што голем дел од навивачите заборавија дека тој воопшто постои. Англиските медиуми пишуваат дека поголемиот дел од времето Озил го троши на играње компјутерски игри наместо на тренирање и подготовки, па судејќи според тоа, може да заклучиме дека тој и не е така заинтересиран за фудбал како што беше пред да го потпише огромниот договор кој му носи 350.000 фунти секоја недела. Потенцијална дестинација за него е Реал Мадрид, но силно се шпекулира и за враќање во Германија.
Калум Вилсон / Бурнмаут
Од стартот на оваа сезона па досега, Калум Вилсон се наметна како една од најжешките теми на разговор во Премиер лигата. Неговата одлична игра во дресот на Бурнмаут ги привлече скаутите на Челзи, кои активно се во потрага по нов напаѓач. Во текот на 2018 година Вилсон успеа и да стане репрезентативец на Англија и постигна гол на дебито, што дополнително му ја зголеми пазарната вредност. Доколку Челзи сака да го види моќниот Англичанец во синиот дрес, ќе треба да одвои најмалку 50 милиони евра.