Германскиот производител на луксузни автомобили BMW извести за стабилизирање на продажбата во третиот квартал во понеделникот по падот на испораките на автомобили во првата половина од годината поради заклучувањето во Кина и недостигот на чипови.
Групацијата продаде 587.795 возила во третиот квартал, 0,9 отсто помалку отколку во истиот квартал од 2021 година.
Падот е помал отколку во претходните квартали, кога работењето на германската компанија беше попречено од строгите мерки за сузбивање на COVID-19 во Кина и недостигот на чипови. Во периодот од јули до септември, компанијата забележа особено добар резултат во Кина, со 5,7 отсто повеќе продадени автомобили отколку во истиот квартал минатата година. Порасна и продажбата во САД, за 3,8 отсто.
На европскиот пазар BMW продаде 11,1 отсто помалку автомобили од минатото лето. Групацијата во периодот од јануари до септември продала 1,75 милиони автомобили, за 9,5 отсто помалку од истиот период лани. Тие потврдија дека очекуваат нешто послаба продажба оваа година отколку во 2021 година.