Ракометната федерација на Македонија денеска точно на пладне ги пушти во продажба билетите за натпреварот Македонија - Чешка, кој ќе решава дали ќе одиме на Мундијалот или не.
Натпреварот се игра в недела на 17 април со почеток од 19:00 часот со СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Претходно во среда Македонија го игра првиот бараж натпревар во Злин од каде се надеваме на поволен резултат.
Продажбата на влезници за натпреварот во Скопје започна денес онлајн на веб-страницата на МКТикетс, а влезници можат да се купат и на сите продажни места на МКТикетс низ државава (локациите се наоѓаат на самата веб-страница). Цената на еден билет изнесува симболични 100 денари.
РФМ известува и дека натпреварот ќе биде организиран согласно важечките протоколи за организација на спортски настани и одлуките на Владата за превентивни мерки против вирусот COVID-19.
Согласно на тоа, за влез во салата потребно е лицата да поседуваат и приложат еден од следниве документи:
– сертификат/потврда за извршена имунизација од вирусот (вакцинација) од вирусот Sars-Cov-2 против заразната болест Covid-19, или
– сертификат/потврда за прележан COVID-19 во последните 180 дена, сметајќи од денот на оздравување.
За сите останати МРТ ќе врши директен пренос.