Лос Анџелес, 14 август 2019 (МИА) – ТВ-серијата „Friends“ оваа есен слави 25-годишнина од прикажувањето на првата епизода. По тој повод на 23, 28 септември и на 2 октомври, во киносалите ширум САД ќе бидат прикажани вкупно 12 епизоди, по четири во една вечер.
Како што соопшти Warner Bros, одбраните епизоди се преработени во 4К резолуција и ќе имаат додатоци како што се интервјуа со протагонистите и досега необјавени снимки и сцени.
– Обожавателите ќе имаат можност да се потсетат на некои од најемотивните и најсмешните мигови од серијата – овојпат на големиот екран, изјави Реј Нат, претставник на организаторите на проектот.
Популарната екипа која ја сочинуваат Фиби, Рос, Џои, Моника, Чендлер и Рејчел ги забавуваше гледачите 236 епизоди.