Познатиот продуцент на популарната документарна серија „Ancient Aliens“ даде коментар за неидентификуваните летечки објекти кои деновиве американската војска ги собори на небото над САД.
Откако се почна со кинескиот балон, за кој Пекинг тврди дека е временски балон, воздухопловните сили на САД соборија уште три објекти за кои немаат излезено со допонителни информации за тоа за какви објекти станува збор. Синоќа командант на Северната команда на САД, генералот Глен ВанХерк, изјави дека „нема да ги категоризирам како балони“ и „ги нарекуваме објекти со причина“.
Во меѓувреме, пред да биде срушен третиот објект, на социјалните мрежи со свој коментар се јави најпопуларниот уфолог на денешницата, Џорџо А. Цукалос, познат како продуцентот на мега-популарната документарна серија „Ancient Aliens“.
„Извештаите велат дека овие два објекта не покажуваат никаков вид на видлив моторен погон или видлив аеропрофил, што е потребно за да се покренат летала потешки од воздухот. Ако ги препрочитате извештаите за НЛО од 50-тите и 60-тите ќе видите дека ништо од ова не е ново и дека е познато и детално документирано“, напиша Швајцарецот на Facebook.
„Значи повеќе шпионски балони, што, повторно, не е изненадување. Само, кој шпионира? Ниту една земја не се одзва откако кинескиот балон беше соборен. Сето ова е многу возбудливо, како шпионски роман да се одвива во вистинскиот живот за сите да го видат“.
Претходно, Цукалос го коментираше и молкот на гувернерот на Алјаска за срушениот неидентификуван објект над оваа американска сојузна држава.
„Колатерален молк. Интересно е што гувернерот на Алјаска нема кажано ништо, ниту пак нешто е дополнително познато за синоќешниот (се мисли на саботата, заб. на прев.) настан и соборените остатоци. Има ли некој долу на терен да го пронајде она што беше срушено во планините Јукон? Ниту една земја не се јави дека леталото е нејзино. Ќе реагира ли претседателот“, напиша уфологот, предводник на теоријата дека вонземјани ја посетувале Земјата уште пред илјадници години и дека споделувале знаење со древните народи.
Инаку, документарна серија „Ancient Aliens“ од минатиот месец почна со емитување на својата 19-та сезона на каналот History.