Словачка е втората земја-членка на Европската Унија што ја одобри вакцината Спутник V од руско производство, која сѐ уште не е одобрена од регулаторот за лекови во Унијата - ЕМА.
Словачката Влада побара од министерот за здравство, Владимир Ленгварскиј, до 7 јуни да ја направи вакцината достапна до граѓаните, пренесе FENA.
Словачка има на располагање 200.000 дози од вакцината Спутник V, но досега не дозволи нивна употреба.
Унгарија досега беше единствената членка на ЕУ што ја користи вакцината Спутник V, што не е одобрена од Европската агенција за лекови.
Американските медиуми потсетуваат дека словачкиот таен договор за набавка на два милиона вакцини Спутник V, организиран од тогашниот премиер Игор Матович, предизвика сериозна политичка криза во земјата, што резултираше со пад и потоа реконструкција на словачката Влада.