Градоначалниците на Гостивар и Куманово, Арбен Таравари и Максим Димитриевски, објавија дека ги имаат потребните 10 илјади потписи за официјализирање на нивните кандидатури за претседател на државата.
Откако министерот за надворешни работи од ДУИ, Бујар Османи, прв ги собра потребните потписи, вечерва кандидатите на Европскиот сојуз за промени и ЗНАМ се пофалија дека и тие ја оствариле целта.
„Ви благодарам на секој од вас што во рекордно време ја потпишавте мојата кандидатура за претседател! Целата оваа кампања нека биде наменета за Вас! Искрено, Арбен“, објави Таравари околу 18 часот на својот Facebook профил. Тој објавата ја напиша на три јазици: албански, македонски и турски.
Два часа подоцна стигна и објавата на Димитриевски, кој исто така објави на Facebook.
„Над 10.000 потписи за кандидат за претседател! Благодарам за поддршката. Продолжуваме заедно до конечна победа!“, напиша тој.
Од останатите кандидати најблиску до собирање на потребните 10 илјади потписи е кандидатката на Левица, Билјана Ванковска-Цветковска.