Иако во повеќето земји во светот чукањето чаша со чаша се смета за нормален начин на наздравување - тоа не е случај во Унгарија каде што може да се смета за непочитување.

Подигнувањето чаша во воздух или чукање со чашите е широко распространето во многу култури во светот. Наздравувањето се прави кога за тоа има посебна причина, во чест на одредена личност или едноставно како израз на добро расположение.
Меѓутоа, во Унгарија овој обичај е различен во споредба со другите земји. Имено, сѐ е поврзано со легендата која раскажува за 1849 година, кога овој народ ја изгубил битката за независност, па австриските власти егзекутирале 13 унгарски војници.
Легендата вели дека австриските генерали славеле со наздравување со пијалаци и чукање чаши откако ги погубиле унгарските војници.
Поразени и тажни, Унгарците тогаш се заколнале дека 150 години нема да чукаат чаши за време на здравицата. Век и пол одамна помина, но ветувањето сѐ уште важи, особено кај постарите генерации.
Сепак, ова правило не важи за оние кои ја посетуваат Унгарија. Иако на интернет можете да најдете многу текстови во кои се посочува дека ќе ги навредите Унгарците со наздравување, тоа не е така.
Заблуда е дека мештаните ќе ве гледаат со незадоволство ако како турист наздравите со пиво во Унгарија - овој вид на наздравување е „табу“ само за нив.