Наука

Величествен крај: Кинеската вселенска лабораторија изгоре во атмосферата на Земјата

19. јули 2019 - 15:34 | А.С.

Кинеската вселенска лабораторија Tiangong-2 денеска ја заврши речиси тригодишната мисија и изгоре за време на контролираното враќање во атмосферата на Земјата над јужниот дел на Тихиот Океан.

Поголемиот дел од леталото долго 10,4 метри беше уништено при влезот во атмосферата, а помали делови паднаа во „обезбедено подрачје“ во јужниот дел на Тихиот Океан, пренесоа кинеските медиуми, повикувајќи се на Кинеската вселенска агенција.

Tiangong-2, што значи „Небесна палата“, тежеше 8,6 тони и беше лансирана во септември, 2016 година, како помал претходник на кинеската вселенска станица што се планира за во 2022 година.

Двајца кинески астронаути живееја во лабораторијата повеќе од 29 дена во 2016 година, што беше најдолг лет со човечки екипаж во историјата на кинеската вселенска програма.

Првата кинеска вселенска лабораторија Tiangong-1 се врати во 2018 година и исто така изгоре во атмосферата на Земјата над јужниот дел на Тихиот Океан.

Коментирај