Компанијата SpaceX испрати нов американско-руски екипаж на Меѓународната вселенска станица (МВС) со помош на својата ракета Falcon 9.
Лансирањето се случи од Вселенскиот центар „Кенеди“ во Флорида рано утринава по наше време, а екипажот на мисијата Crew-8 се состои од тројца мажи и една жена, односно тројца американски астронаути и еден руски космонаут. Станува збор за Метју Доминик, водачот на мисијата кому му се придружија американските колеги, пилотот Мајкл Барат и специјалистката Џанет Епс, додека четвртиот член на екипажот е русиот специјалист Александр Гребенкин од Роскосмос.
Тие заедно тргнаа на шестмесечна мисија во вселената, а МВС останува едно од ретките полиња каде што САД и Русија сè уште соработуваат и покрај војната во Украина и санкциите врз Русија. Меѓу целите на мисијата е да се одгледуваат вештачки копии на човечки органи за истражување на дегенеративни болести во средина со ниска гравитација, што не е можно на Земјата.
Екипажот отпатува до МВС со капсула на компанијата SpaceX, која беше лансирана по четврти пат.