Тенис

Австралија Опен: Надал рутински до осминафинале, Плишкова во аут

25. јануари 2020 - 11:55 | Кајгана / МИА

Мелбурн, 25 јануари 2020 (МИА) – Рафаел Надал без потешкотии ја мина првата сериозна пречка на Австралија Опен. Најдобриот тенисер во третото коло во Мелбурн го совлада сонародникот Пабло Карењо Буста со 6 : 1, 6 : 2, 6 : 4 и закажа дуел со Австралиецот Ник Кирјос.

Проблеми немаше ниту петтиот носител, Австриецот Доминик Тим кој во четири сета го елиминира Тејлор Фриц со 6 : 2, 6 : 4, 6 : 7, 6 : 4.

Три сета му беа потребни на 10 рангираниот тенисер на Австралија Опен за триумф во мечот со Ернест Гулбис од Летонија со 7 : 6, 6 : 4, 6 : 3.

Стен Вавринка, пак, речиси без борба се најде меѓу најдобрите 16, откако Американецот Џон Изнер го предаде натпреварот при водство на ривалот од Швајцарија со 6:4, 4:1.
 
Чешката тенисерка Каролина Плишкова е најзвучното име што го заврши настапот на грен слемот во шестиот натпреварувачки ден. Подобра од неа во третото коло беше Русинката Анастасија Пављученкова со 7 : 6, 7 : 6.  
 

Коментирај