Капсулата Crew Dragon оваа година ќе добие стаклена купола лоцирана на врвот со што астронаутите ќе имаат одличен поглед во вселената под агол од 360 степени.
Плановите за куполата се дел од проект на SpaceX и тимот којшто стои зад туристичката мисија Inspiration 4.
Стаклениот прозорец во облик на купола ќе го замени адаптерот за спојување којшто досега се наоѓаше на носот на капсулата, со оглед на тоа што повеќе нема да има потреба за спојување со Меѓународната вселенска станица.
Самата купола ќе биде слична како онаа на Станицата, но изгледа дека во случајот на Crew Dragon погледот ќе биде без пречки и други структури што го делат стаклото.
SpaceX ја дизајнираше Crew Dragon благодарение на договорот потпишан со Commercial Crew програмата на НАСА, вредна 2,6 милијарди долари. Тоа е јавно-приватна иницијатива за стимулирање на развој на вселенски капсули од приватно производство, а кои ќе бидат примарен транспорт на НАСА во вселената.
Crew Dragon веќе е во оперативна фаза и минатата година имаше два лета со екипаж во вселената.