Кипарската православна црква изрази противење во врска со песната на претставниците на земјата на овогодинешниот Избор за песна на Евровизија затоа што, како што тврди, го велича сатаната.
Песната со наслов на шпански јазик „El Diablo“ (Ѓавол) ја изведува грчката пејачка Елена Цагрину. Досега, 16.500 луѓе потпишаа онлајн петиција за нејзино повлекување.
„Ова е величење на фаталистичкото предавање и потчинување на силите на ѓаволот“, рече Светиот синод на кипарската православна црква, повикувајќи ја владата да го искористи своето влијание за повлекување на песната од конкуренција.
Владини претставници одговорија дека го почитуваат ставот на оние на кои не им се допаѓа песната, но дека не доаѓа предвид повлекување на песната.
„Владата целосно ги почитува креативните, интелектуалните и уметничките слободи кои не можат да бидат погрешно протолкувани или ограничени поради насловот на песната“, рече владиниот портпарол Викторас Пападопулос.
Кипарската телевизиска корпорација објави дека темата на песната е борба меѓу доброто и злото.