Мајк Тајсон и Евандер Холифилд исто така се согласија на трета борба која ќе биде тешка 200 милиони долари, објави пријателот на Тајсон, Заб Џуда.
„Нема нешто во врска со оваа борба што не ме интересира. Двајцата боксери веќе тренираат со полна пареа, ова ќе биде вистински, сериозен меч“, рече Џуда.
Борбата треба да се одржи во Дубаи, а заработката да надмине 200 милиони долари.
Се разбира, ова не е изненадувачки со оглед на големото ривалство помеѓу Тајсон и Холифилд.
Првиот натпревар го имаа во ноември 1996 година кога Холифилд славеше со технички нокаут во 11-тата рунда и му го одзеде шампионскиот WBA појас на Тајсон.
Реваншот во јуни 1997 година беше веројатно најпознатата борба во историјата кога Тајсон беше дисквалификуван во третата рунда откако го гризна Холифилд за уво.
Тајсон денес има 54 години и неодамна боксуваше на егзибиционен натпревар со Рој Џонс што, како што беше договорено, заврши без победник.
Холифилд е постар четири години, но уште е во врвна физичка состојба и сигурно е дека натпреварот што ќе ја комплетира трилогијата ќе биде исклучително интересен.
Официјалната потврда за оваа навистина долгоочекувана борба се очекува наскоро.