Моделите Focus и Fiesta на Ford дефинитивно нема да го доживеат електричниот третман и се подготвуваат за пензија.
Ford ја потенцираа електрификацијата, па некои популарни модели како F-150 и Mustang беа „преродени“ во форма на моделите F-150 Lightning и Mustang Mach-E, меѓутоа, шефот на европскиот оддел на компанијата задолжен за електрични автомобили, Мартин Сандер, потврди дека тоа нема да биде случај со Fiesta и Focus.
„Нема планови за електрични верзии на Focus и Fiesta. Пазарот се менува, а деновите на седаните и караваните завршија“, рече тој. Затоа, Fiesta официјално ќе се повлече во 2023 година, а Focus две години подоцна, како што беше најавено.
Focus има импресивна историја, се појави во 1998 година како компактен хечбек и се нуди во различни конфигурации вклучувајќи го и „огнениот“ RS.
Fiesta е многу постара, на пазарот пристигна во 1976 година, но ѝ дојде крајот бидејќи побарувачката за вакви автомобили опаѓа, додека компактните теренци со кросовер стануваат сè попопуларни.
Ford продаде 456.000 единици Fiesta и 309.000 примероци од Focus во Европа во 2009 година, а до 2021 година тие бројки се намалија на 82.000 и 101.000, соодветно.
Ford се обидува да ги „оживее“ старите модели, а Puma како популарно име во Европа е вратена на пазарот како компактен кросовер и изгледа како соодветна замена за одамна пензионираната Fiesta ST.
Одлуката на Ford да не ги внесе Fiesta и Focus во електричната ера им остави простор на другите мали производители на автомобили во овој сегмент. Компаниите како Opel и FIAT веќе работат на мали градски електрични автомобили со помал досег и побрзо полнење на батериите.
Ford сака да користи „поамерикански“ пристап во Европа, а тоа значи потенцирање на кросоверите и теренците.