Гледаноста на натпреварите од шпанското фудбалско првенство ширум светот е зголемена за 48% по рестартот на Ла Лига која беше на пауза поради пандемијата со коронавирусот.
Според компанијата за статистички анализи во спортот Nielsen Sports, најголем скок во гледаноста на шпанската лига по континенти е забележан во Африка, каде гледаноста се зголемила за 73%, а по земји, во Јужна Африка за 210%.
Во Азија гледаноста е зголемена за 72%, а во Европа за 56%. Најголем раст во гледаноста на шпанската лига во Европа е регистриран во Белгија – дури 130%.
Белгиското првенство уште не е обновено во корона-кризата.
Во Шпанија, натпреварите од првото коло по враќањето на играчите на терен ги следеле 12% повеќе гледачи отколку пред пандемијата.
Најгледани биле натпреварите Реал Мадрид-Еибар, Барселона-Реал Мајорка и градското дерби Севиља-Бетис.
Шпанија е една од ретките земји во кои беше рестарирана и кошаркарската лига, но без публика.