Легендарниот Пипо Инѕаги раскажува за тоа како она што требало да биде најсреќен момент во неговата кариера се претворил во пекол откако дебитантскиот гол го постигнал против својот омилен тим.
Пипо Инѕаги замина во пензија пред 8 години, но тешко дека брзо ќе го заборавиме човекот кој жареше и палеше во Серија А.
Роден е во Пјаченца, град во регионот Емилија-Ромања, каде и ја почнува кариерата во истоимениот тим. Кога Инѕаги доаѓа до сениорскиот тим, Пјаленџа игра во Серија Би. Со своите одлични игри го привлекува вниманието на Парма кога летото 1995 година го зема во своите редови. Таа сезона 95/96 Инѕаги дебитира во Серија А и тоа во тим во кој играа Џанфранко Ѕола, Томас Бролин, Фернанду Коуту, Христо Стоичков, Фабио Канаваро, Џиџи Буфон, Антонио Бенариво, Дино Баџо, Нестор Сенсини и други.
„Ѕола ми беше соиграч во Парма кола бев многу млад. Сонував за мојот прв гол во Серија А и замислував да го прославам урлајќи од радост“, раскажува Инѕаги.
За негова несреќа тој гол доаѓа во 8. коло и тоа токму против тимот на неговото детство, Пјаченца.
„Но, го постигнав против Пјаченца, тимот од мојот град и за кој навивам. Влегов во соблекувалната плачејќи, а Ѕола ми рече: 'Пипо, само си ја заврши работата бидејќи ти играш за Парма'“, се сеќава тој.
Парма тогаш бркаше победа бидејќи резултатот беше 2:2. Инѕаги влезе во игра на 3 минути пред крајот и набрзо погоди за 3:2 во 90. минута. Другите два гола за Парма беа дело на извонредниот Ѕола.
„Тој настан го носев во себе целата моја кариера и за тоа сум му благодарен на Џанфранко, една вистинска личност“.
Можеби таквиот настан влијаеше Инѕаги да не се снајде во Парма за која таа сезона постигна само уште еден гол и веќе наредното лето замина во Аталанта каде блесна постигнувајќи 24 голови, а понатаму веќе приказната е позната.