Откако синоќа ФФМ ги промовираше новите дресови во кои ќе настапува македонската фудбалска репрезентација, првото прашање што многумина си го пострави беше кога фановите ќе можат си набават дрес.

За да го дознаеме одговорот на ова прашање се обративме, нормално, во Фудбалската федерација на Македонија. Одговорот е дека, за жал, дресовите во продажба ќе стигнат дури за некој месец.
„Во соработка со производителот Jako засега стигна само гарнитура за играчите за претстојните два натпревара, квалификацискиот со Малта и пријателската со Фарските Острови. Планот за пуштање на дресовите во промет е за месец јуни, кога треба да стигнат поголеми количини“, ни изјавија од ФФМ.
Во јуни Македонија прво игра дома со Украина на 16-ти, а три дена подоцна ѝ гостува на Англија.

Реакциите на фановите за новиот македонски дрес се генерално позитивни. За потсетување, фудбалерите од 2016 година настапуваа во истите дресови и беа веројатно единствената европска репрезентација која толку долго настапуваше во ист дрес.
Она што дополнително сакавме да го знаеме е зошто бројките на предната страна, чие место е позиционирано точно да го заменуваат сонцето, не се во жолта боја за да личат како вистинска замена на сонцето, туку се во бела, детаљ што многумина го коментираа на социјалните мрежи.

„Бројките се во бела боја да одговараат со знакчето на производителот Jako, кое се наоѓа на градите спротивно од логото на ФФМ и кое е бело“, ни изјавија од Федерацијата. Додадоа и дека варијантата со жолти бројки е интересна, па кој знае, можеби до пуштањето во промет ќе има корекција.








Фото: ФФМ