Mercedes W140 многумина го сметаат за едно од највпечатливите изданија од S класата и најдобрата лимузина на германскиот производител. Руската изведба на овој модел е „опасна ѕверка“ што не се плаши да се исклучи од асфалтот и да ја покори дивината.
Русите се познати како мајстори за импровизација, а тоа е особено воочливо во светот на автомобилите каде се подготвени на сѐ за да стигнат до целта. Во време кога моделите од G класа се премногу „мирни“, а реално и прескапи, може да се направи уникатен ѕвер што со значително помало вложување може да вроди со плод, а треба да се има на ум дека Mercedes никогаш не останува незабележан.
Потребни се многу знаење и време, бидејќи развојот и изработката на овој автомобилски Франкенштајн траеја три години. Идејата е да се постави Mercedes W140 на основа на руското воено возило GAZ 66.
На тој начин беше создаден овој ѕвер со сериски 5-литарски V8 бензинец со 320 коњски сили, со подобрени кочници од оригиналните на GAZ. Ѕверскиот изглед е дополнително засилен со челични панели и Mickey Thompson гуми. Тоа значи дека ова возило не ги заобиколува пречките, туку ги гази.