Фудбалската репрезентација на Еквадор може да биде исклучена од Светското првенство во Катар, откако британскиот весник Daily Mail доби нови докази за шокантна исповед на еквадорскиот репрезентативец Бајрон Кастиљо дека користи лажен пасош во текот на официјалната истрага која Фудбалската федерација на Еквадор (ФЕФ) се обиде да ја прикрие.
ФИФА почна своја истрага откако Чиле пред четири месеци го обвини Еквадор за лажирање на податоците за Кастиљо од листот на родени и побара ФИФА да ја исфрли еквадорската репрезентација и Чиле да настапи на нејзино место на Мундијалот во Катар.
ФИФА по истрагата во јуни соопшти дека немало неправилности во случајот со Кастиљо и потврди дека Еквадор ќе настапи на Светското првенство.
Чиле, меѓутоа, вложи жалба на таа одлука и ФИФА в четврток треба да се произнесе по тоа прашање.
Како дел од новите докази, Daily Mail објави аудио снимка од разговор на Кастиљо со истражители од пред четири години, на која може да се слушне како фудбалерот потврдува дека е роден во 1995, а не во 1998 година и тоа во Колумбија, а не во Еквадор.
Притоа потврдува дека неговиот вистински идентитет е Бајрон Ксавиер Кастиљо Сегура, што одговара на податоците од неговиот колумбиски лист на родени, место името во еквадорскиот документ во кој неговиот идентитет е наведен како Бајрон Давид Кастиљо Сегура.