Откако вчера американскиот претседател Џо Бајден ја објави првата фотографија од вселената направена со новиот телескоп на НАСА, американската вселенска агенција објави низа фотографии направени од длабоката вселена.
Новите фасцинантни фотографии се снимени со помош на новиот вселенски телескоп James Webb, вреден 10 милијарди долари. Фотографиите означуваат дека сè е подготвено за почеток на научните операции.
Гледан како наследник на познатиот телескоп Hubble, се очекува Webb да биде доминантна алатка за откривање барем во следните 20 години.
Станува збор за заеднички проект на американска, европска и канадска вселенска агенција со НАСА на чело.
Webb прави снимки со инфрацрвено зрачење, светлина на подолги бранови должини од оние кои нашите очи можат да ги видат.