„Netflix“ вчера објави дека ќе инвестира 8 милијарди долари во оригинални содржини, што ќе им помогне да ја совладаат конкуренцијата.
Претходната календарска година „Netflix“ вложи 6 милијарди во оригинални содржини, а пред нив беше само ESPN, кој потроши 7,3 милијарди долари.
Сега, „Netflix“ најави дека со новата инвестиција од 8 милијарди долари ќе отиде чекор напред во телевизиската индустрија и ќе биде уште една скала над конкуренцијата. Со оваа измена на програмската шема „Netflix“ сака да дојде до 50% оригинална содржина на нивната мрежа, како би се пробил уште поблиску до филмските студија и продукциски куќи.
Седиштето на „Netflix“ е во Лос Гатос во Калифорнија, а сервисот има преку 110 милиони корисници низ светот. Во последните три месеци бројот на корисници се зголеми за 4,5 милиони претплатници во светот и 850.000 во САД.
Една од оригиналните серии на „Netflix“, „Narcos“ е најгледаната серија во САД откако се мери дигиталната гледаност.
Начинот на кој функционира „Netflix“ ги поттикна и „Facebook“, „Apple“ и „Amazon“ да се заинтересираат за ваквиот бизнис, а „Disney“ веќе ги повлече своите содржини од „Netflix“ за да може самото студио да заработува од нив.