Одделот за напредна технологија на Red Bull објави дека ќе дизајнира, развива и произведува сосема нов хиперавтомобил кој ќе понуди супериорно возачко искуство на патеката.

Новиот хиперавтомобил ќе се вика RB17, откако Ред Бул Рејсинг „мистериозно“ ја прескокна оваа ознака од RB16 во 2021 до овогодинешниот RB18. Дизајнот го потпишува Ејдриен Нуи, човекот кој стои зад многу феноменални Формула 1 болиди, а воедно е и креатор на импресивниот модел Valkyrie на Aston Martin.
Нуи сега го насочува своето внимание кон моделот RB17, кој најверојатно нема да биде легален за патиштата, па затоа регулативите нема да ја ограничат желбата за перформанси.
„RB17 ќе резимира сè што знаеме за создавање на шампионски болиди во Формула 1 во еден пакет што ќе испорача екстремни нивоа на перформанси во двосед наменет за патеки“, рече Нуи.
Засега е објавена само скица, но познато е дека RB17 ќе биде придвижуван од хибриден V8 мотор кој ќе развива повеќе од 1.100 КС. Само 50 примероци ќе бидат произведени во домот на Red Bull во Милтон Кејнс, а производството ќе започне во 2025 година.
Цената на автомобилот ќе биде 5 милиони фунти, без даноци, па клиентите ќе мора да имаат најмалку 6 милиони фунти на сметката за да се најдат на листата на чекање. Оваа цена вклучува пристап до Red Bull F1 симулаторот, како и тренинг на патеката.